Њујорк: Петмина приведени по експлозијата
19 септември 2016Според медиумски извештаи, во врска со експлозијата на бомба во Њујорк се уапсени пет лица. Сите се наоѓале во еден автомобил. ФБИ не дава поединости околу случајот и се ограничува на скудни информации: навистина бил запрен еден автомобил, но нема уапсени. Истрагата продолжува, велат од полицијата.
Во саботата вечерта околу 20.30 часот по локално време експлодираше бомба направена од експресен лонец во квартот Челси, во Менхетен, во кој се наоѓаат бројни барови и кафулиња, повредени беа 29 луѓе. Во близина беше пронајдена и втора експлозивна направа, исто така експресен лонец, но таа не експлодира. „Можеме да бидеме среќни што нема мртви“, истакна гувернерот на Њујорк, Ендру Кумо. Засега нема докази за поврзаност со меѓународен тероризам. Њујоршкиот градоначалник Бил де Бласио соопшти дека во меѓувреме сите 29 повредени се отпуштени од болница.
Откриена уште една бомба
Во блиското место Елизабет во сојузната држава Њу Џерси синоќа (18.09), според медиумите, во еден контејнер за отпадоци бил откриен сомнителен предмет, по што специјална полициска единица извршила контролирана експлозија. СиЕнЕН јавува дека станува збор за ранец за кој се претпоставува дека содржел неколку рачно направени бомби. Според оваа телевизија, која се повикува на извори од истрагата, постојат сличности меѓу експлозивните направи откриени во двете сојузни држави. Освен тоа, на видео од надзорните камери наводно бил забележан маж како на местото на експлозијата во Менхетен, така и на местото на пронајдената втора бомба во близина.
Висок степен на безбедност
Мерките за безбедност во Њујорк во меѓувреме се зајакнати, во акција покрај полицијата е вклучена и Националната гарда, со цел граѓаните на Њујорк да се чувствуваат безбедни по бомбашките инциденти. Деновиве во американската метропола и без тоа ќе биде во сила највисок степен на безбедност, со оглед што тука ќе биде одржан самит за бегалците на кој ќе учествуваат шефови на држави и на влади од цел свет, како и редовното годишно Генерално собрание на ОН.