1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јунг денеска доаѓа на Косово

31 август 2007

Германскиот министер за одбрана Франц Јузеф Јунг денеска меѓу другото ќе присуствува и на смената на челото на КФОР силите, при што од функцијата главен командант заминува Германецот Роланд Катер.

https://p.dw.com/p/BZzy
Германскиот министер за одбрана Франц Јозеф ЈунгФотографија: AP

Косово е последната постојка од мини балканската турнеја на министерот Јунг, во чии рамки ги посети Хрватска, Македонија и Албанија. Андреас Мајер Фајст во следниот прилог ја отсликува ситуацијата што го дочекува германскиот министер за одбрана.

Франц Јозеф Јунг доаѓа во несигурна земја. На надвор се‘ се чини мирно, но добрите познавачи забележуваат дека под површината врие. Луѓето се незадовлни и нивната фрустрација расте од ден на ден. Тоа се забележува и во паролите испишани на куќите, како оваа што бара: Независност сега!

120-те дена за продолжување на преговорите околу идниот статус меѓу Приштина и Белград наидуваат на различни реакции. Со оглед на фактот дека за сега нема никаков напредок, активистот за независност Албин Курти вели:

“Тие 120 дена не се ништо друго освен обид на меѓународните дипломати да се претвораат дека нешто преземаат...“

Албин Курти на Косово се смета за опасност по вкупната безбедност. Тој се наоѓа во домашен притвор, бидејќи е обвинет дека организирал анти-српски демонстрации, при кои во февруари животот го загубија две лица. Страв се шири не само меѓу Србите на Косово, туку и меѓу оние Албанци кои се за мироно одвојување од Србија. Тие стравуваат дека доколку преговорите се оддолжат, тогаш може да дојде до повторно избувнување на насилства.

Високи претставници на меѓународната тројка за статусот на Косово, вчера во Виена ги почнаа сондирачките преговори со делегациите на Белград и на Пирштина. Германскиот дипломат, Волфганг Ишингер, кој ја застапува ЕУ во Тројката, појасни дека директно преговори меѓу двете страни во спорот би можеле да се одржат на маргините на Генералното Собрание на ОН во Њујорк, кое почнува во септември. Освен тоа Ишингер по вчерашната прва рунда во Виена изјави:

“Прашањето за поделба на Косово никогаш не била на дневен ред на Тројката, ниту пак кој и да е одделен нејзин член. Страните во преговорите ја одбиваат таа тема. Тројката се потпира врз принципите на Контакт групата, која исто така одбива поделба на Косово.“

Слична е и заложбата на претседателот на Косово Фатмир Сејдиу:

“За нас можам да кажам дека е многу важно да ја истакнеме уште еднаш нашата позиција дека околу независноста на Косово не може да се преговара. Косово е исто така неделиво!“

Сејдиу има намера да издејствува независност на Косово дури и без поддршка на ОН и при тоа се потпира врз поддршката на Американците. За разлика од него, српската делегација се залага за останување на покраината во рамките на српската држава. Во ваквите дијаметрално спротиставени ставови на страните во конфликтот, посебна одговорност лежи врз плеќите на КФОР силите. Во нив се вклучени 15.000 војници од 34 земји. Нивниот команадант на заминување, Германецот Роланд Катер, нагласи дека на Косово му треба итно решавање на прашањето за статусот.