1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Југоисточна Европа им верува на своите нуклеарки

30 март 2011

Додека во Германија се’ погласно се размислува за излез од атомската енергија, источноевропските држави и натаму полагаат на овој вид енергија. Сопствените нуклеарни централи се безбедни, тврдат претставниците на владите

https://p.dw.com/p/10k22
Нуклеарката Козлодуј
Нуклеарката КозлодујФотографија: picture-alliance/dpa

„Атомската енергија не прави енергетски независни“ и „нашите нуклеарки се сигурни“ вака официјално аргументираат речиси сите источноевропски држави, и по катастрофата во јапонската нуклеарна централа. Унгарија, Романија, Полска, Чешка и Турција не гледаат причина да ги замрзнат плановите за почеток на користење на атомска енергија или откажување од неа. Напротви, полскиот премиер Доналд Туск кој го форсира преминот кон атомска енергија, предупредува од хистерија. Несреќата во реакторите во Јапонија не беше предизвикана од дефект во централата, туку е последица на земјотрес и цунами. Неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган оди уште подалеку: „При земјотрес може да бидат оштетени и други работи. Мостови на пример. Не треба ли поради тоа да градиме мостови?“

И Турција како и Полска се стреми кон почеток на користење на атомска енергија, меѓутоа оваа земја е трусно подрачје, а и владата ја нема подршката од населението, како што ја има премиерот Туск. Имено 65 проценти од Полјаците ги поддржуваат неговите планови, додека 60 проценти од Турците се против користењето на атомска енергија.

Романија, Унгарија и Чешка не се откажуваат од плановите

Атомската централа Черна вода во Романија
Атомската централа Черна вода во РоманијаФотографија: picture alliance/dpa

Романија и натаму опстојува на своите планови. Нуклеарката во Черна вода, на 165 километри од Букурешт, треба да биде проширена за два нови реактори. Досега таму немало дефекти, меѓутоа и Романија е трусно подрачје. Претседателот на романските атомски власти Лусијан Биро ги отфрла сите сомнежи во врска со безбедноста на атомската централа: „Нуклеарната централа Черна вода според проектот може да издржи земјотрес од 8 степени по Рихтеровата скала. Според некои нови мерења и до 8,5 оти инструментите пред 20 години не беа толку прецизни како денес.“

Атомската енергија е енергија на иднината, убедено е унгарското раководство. За откажување од неа не станува звор, напротив владат во Будимпешта планира доградувања на постоечката нуклеарка во Пакс, меѓутоа засега недостасуваат инвеститори. Со оглед на тоа што и во Унгарија има земјотреси, централата во 90-те била модернизирана, се вели од владини кругови.

Нуклеарката Темелин во Чешка
Нуклеарката Темелин во ЧешкаФотографија: picture-alliance/ dpa

И чешките реактори во Темелин се безбедни од земјотрес, тврдат одговорните. Би било ефтин маневар, по несреќата во Фукушима да се вознемирува јавноста, имено во Чешка, како што е познато нема цунами, забележа иронично премиерот Петр Нечас. Чешка како и Словачка има намера да го зголемува капацитетот на постоечките централи со нови реактори.

Бугарија воведува мораториум

Изминатите денови, се разнишаа меѓутоа плановите на бугарската влада за изградба на втора нуклерна централа во трусното подрачје Белене на Дунав. Пред една недела министерот за енергетика, Трајчо Трајков уверуваше дека од рускиот производител биле побарани дополнителни гаранции за нарачните два реактора. Денови подоцна, премиерот Бојко Борисов меѓутоа објави дека проектот Белене засега е замрзнат: „Се надевам дека до четврток ќе го потпишеме тримесечниот меморандум. Дотогаш треба да бидат разјаснети сите технички прашања во однос од опасноста од земјотрес како и трошоците.“

Бугарската владата меѓутоа размислува за план Б. Постоечката нуклеарка Козлодуј да биде проширена со уште двата реактори нарачани во Русија.

Централата Кршко предизвикува главоболки

Атомската централа Кршко
Атомската централа КршкоФотографија: Picture-alliance/dpa

Хрватска нема атомска централа, меѓутоа хрватскиот концерн „Електропривреда“ има 50 проценти удел во спорната централа Кршко. И за неа важи дека е голема опасноста да биде погодена од земјотрес. Управителите потврдуваат дека централата може да издржи земјотрес до 7,2 степени според Рихтеровата скала. Меѓутоа и без земјотрес централата не е стопроценти сигурна. Минатата среда, централата Кршко автоматски се исклучи. Причина за тоа бил прекин на струјниот доток од Загреб, изјави портпарол. Не постои опасност од радијација. Обидот за повторно вклучување на централата два дена подоцна беше неуспешен. Денеска (30.03.11) централата Кршко е повторно пуштена во употреба. Вообичаена пракса во атомската бранша од марката Југоисточна Европа.

Автор: Благородна Григорова/ Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски