1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јацењук: Само НАТО може да ја заштити Украина од Русија

СН/ам/миа/афп/дпа/итартас13 септември 2014

Три недели по спорното влегување на руски хуманитарен конвој во завојувана источна Украина, втор таков денеска ја премина руско-украинската граница. Украинскиот премиер, пак, повторно упати остри критики кон Русија.

https://p.dw.com/p/1DBju
Фотографија: picture-alliance/dpa

Рускиот претседател Владимир Путин сака „да ја уништи Украина“ како независна држава, предупреди денеска украинскиот премиер Арсениј Јацењук (насловна фотографија), повикувајќи ги САД и Европската унија (ЕУ) да бидат гаранти на мировниот план за Украина.

„Владимир Путин не ги сака само подрачјата Доњецк и Луганск, туку ја сака цела Украина, која сака да ја уништи како независна држава“, рече Јацењук на годишната меѓународна конференција посветена на проевропската стратегија на Украина.

Според украинскиот премиер, Путин не може да прифати дека Украина е дел од европското семејство, а негова цел е да го обнови поранешниот Советски сојуз. Јацењук тврди дека следен чекор би бил воспоставување на „коридор“ од руската граница до Крим, полуостровот што Русија во март го припои.

„Во ваква ситуација само НАТО може да не’ заштити“ изјави Јацењук, кој изрази и разбирање за тоа дека Алијансата во моментов не е подготвена да ја прими Украина како членка.

Втор руски хуманитарен конвој во источна Украина

Конвојот со 200 камиони со руска хуманитарна помош за населението на источна Украина пристигна денеска во Луганск.

Како што јавуваат руските медиуми, немало инциденти на патот од руско-украинската граница и оти сега се врши истовар на помошта на руското Министерство за вонредни состојби.

Russland Russischer Konvoi mit Hilfsgütern für die Ukraine 13.09.2014
Фотографија: AFP/Getty Images/S. Venyavsky

Во хуманитарната помош испратена од Москва се наоѓа шеќер, житарки, прехранбени производи, опрема за пречистување на вода, генератори за струја и останати предмети за населението на регионот Донбас.

Според ИТАР-ТАСС, немало претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во придружба на конвојот.

Портпаролката на МКЦК Анастасија Исјук наведе дека тие не биле официјално известени за договорот меѓу Русија и Украина со кој се решени техничките детали врзани за помошта.

Овој втор конвој за потребите на населението во регионите зафатени од војната во Украина беше подготвен пред три седмици, но Украина прво побара да го прегледа товарот пред да дозволи камионите да влезат во земјата.

Првата пратка со хуманитарна помош од Русија со речиси 2.000 тони храна, вода и останато во Луганск пристигна на 22 август.