Јапонија: Спроведена смртна казна
12 септември 2013Јапонското Министерство за правда соопшти дека 73-годишниот Токухиса Кумагаи е обесен. Тој пред девет години беше осуден на смртна казна поради убиство на сопственик на ресторан извршено при кражба.
Јапонија е една од малкуте индустриски земји во кои смртната казна се‘ уште не е укината. Во моментов, во земјата има 132 лица осудени на смрт. Владата на конзервативниот премиер Шинзо Абе укажува на тоа дека мнозинството Јапонци, во анкетите се изјаснуваат за задржување на смртната казна.
Организациите за човекови права протестираат со години и бараат укинување на ваквиот вид казна. Тие како особено грозоморно го оценуваат тоа што лицата кои се осудени на смртна казна за времето на погубување дознаваат само неколку минути пред извршување на казната. Претходно, тие со години се затворени во ќелии за самци. Пред да бидат погубени, осудените не смеат да се простат од своите семејства. Семејствата, исто така, добиваат информација за погубувањето дури откако тоа ќе биде спроведено.