Јанкуловска: Нема договор со Рамковски
3 декември 2010Јавното ретерирање на сопственикот на А1 Велија Рамковски, кој се повлече и сега тврди дека не земал кеш од премиерот Никола Груевски за емитување партиски реклами на неговата телевизија, нема каква било врска со истражните дејства. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска отфрли каква било можност за договор со Рамковски. Институциите немало да се откажат од истрагата, а законот бил еднаков за сите, предупреди Јанкуловска.
За случајот денеска требаше да расправа собраниската Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, но по барање на членовите на владејачкото мнозинство и нивното укажување дека дебатата се поклопувала со закажаната пленарна седница на Собранието, расправата се одложи за утре. Пратениците од опозицијата обвинија дека ваквото барање е бегање од одговорноста и кршење на демократијата.
Од Управата за јавни приходи за Дојче Веле изјавија дека изјавите на Рамковски воопшто не влијаеле врз истрагата. УЈП, според Весна Новаковиќ, води истрага која не се одвивала од денеска за утре.
Инаку, Рамковски јавно ги омекна ставовите против власта во интервју за телевизијата Алсат М. Со изјавата дека не земал кеш од премиерот тој не само што јавно се дистанцираше од случувањата во фирмите кои се под истрага, туку и ги укори новинарите од неговата телевизија дека претерале во реакцијата на настаните од минатиот четврток . Рамковски негира дека е поврзан со шесте фирми кои се на иста адреса со А1, а за кои УЈП се сомнева дека незаконски кон странство биле исплатени 7 ипол милиони евра.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска