Јаглен и трициум пред Елисејската палата за Оланд и Меркел
19 февруари 2014Активисти на организацијата за заштита на животната средина „Гринпис“ изутринава истоварија камион полн со јаглен пред влезот на претседателската палата во Париз, неколку часа пред посетата на германската делегација предводена од канцеларка Ангела Меркел.
Со истоварувањето на пет тона јаглен пред Елисејската палата, од Гринпис бараат до 2030. година во Европа да се произведува најмалку 45 отсто енергија од обновливи извори. Јагленот, кој во голема мерка се користи во Геманија, предизвикува голема загаденост на воздухот.
Активистите на Гринпис пред палатата оставиле и околу две илјади литри вода загадена со трициум, погонско гориво за производство на атомско оружје. Од Гринпис соопштија дека трициумот го земале од околината на Хаг. Од организацијата бараат во Германија помалку да се троши и произведува јаглен, а во Франција да се намали производството на нуклеарната енергија.
Портпаролот на полицијата во францускиот главен град одби да даде коментар за настанот, а ниту канцеларијата на претседателот Франсоа Оланд не даде изјава.