1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавниот простор во БиХ затруен од говор на омраза

Самир Хусеиновиќ
18 април 2017

Говорот на омраза во Босна и Херцеговина не е ретка појава. Го користат политичари, го има во медиумите, на разни манифестации, но го има и во секојдневниот живот на обичните луѓе, за жал и на децата.

https://p.dw.com/p/2bOBY
Hate Speech Broschüre Verbrechen aus Hass
Фотографија: DW/V. Soldo

„'Црнчуго', циганко, убиј се, убиј се“, се зборовите на врсниците на 11-годишната Саша Ферер, девојче со кубанско потекло која живее во Босна и Херцеговина. Ика Ферер Готиќ вели дека нејзината ќерка Саша веќе 6 години се соочува со разни навреди, вербални понижувања и физички напади, поради што неколку пати променила училишта.

Иако веќе многупати истапила во јавноста укажувајќи на овој проблем, апелот на Ика е сфатен сериозно дури откако Саша се обиде да изврши самоубиство. „Реагираше Министерството за образование од Кантонот Сараево. Врз основа на овој случај, донесена е и одлука за начинот на постапување, односно, прецизирано е дека училишната управа сноси одговорност во случај на насилство и говор на омраза. Но, тоа наиде на негативна реакција од училиштето од кое потоа ја отпишав ќерка ми. Не беа подготвени да преземат одговорност за случувањата во училишниот двор. Родителите затоа мораат добро да размислат за тоа кому му ги оставаат своите деца. Подоцна започнаа и некои иницијативи во Федералниот парламент“, вели Ика Ферер Готиќ.

Bosnien und Herzegowina Ika Ferer Gotic mit Töchtern
Ика Ферер Готиќ со своите девојчињаФотографија: privat

Величење на воените злосторства

Во случајот се вклучени полицијата и службата за социјална работа, но по отпишувањето на Саша од училиштето „сѐ запре“. „Освен луѓето, родителите и совесните граѓани, државата поради корупција во образовниот систем не е подготвена да пружи поддршка на загрозените деца и родители. Напротив, вината се префрла на жртвата и родителите, што во цивилизирани и напредни општества е одамна надминато и забрането“, вели нашата соговорничка.

За жал, говорот на омраза во БиХ не е ретка појава. Присутен е во политиката, медиумите, на социјалните мрежи, на спортски и други манифестации, со пароли како на пример „Нож, жица, Сребреница“, со кои се величаат најтешките воени злосторства. Во БиХ говор на омраза и закани на јавните настапи користат и високи политички официјални лица. „Немојте да мислите дека нема да ја одведете БиХ во пекол, а муслиманскиот народ можеби ќе исчезне, бидејќи муслиманскиот народ не може да се одбрани ако тука има војна“, зборуваше Радован Караџиќ најавувајќи ја војната во БиХ. 

Говорот на омраза како „симбиоза на неписменост и неспособност“ во медиумите

По војната, говорот на омраза во БиХ се манифестираше и низ негирање на геноцидот и другите пресудени воени злосторства, а потоа и правото на изучување на група национални предмети во училиштата и употреба на имиња на мајчин јазик. Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, зборуваше оти за „РС е неприфатливо да ѝ судат судии муслимани“, додека со орден ги одликуваше најсуровите воени злосторници. Со посредство на медиумите, пораките стигнаа до крајните корисници предизвикувајќи го саканиот ефект. 

Bosnien und Herzegowina Deutsche Produkte Professor für Soziologie Dragan Bursac
Драган БурсаќФотографија: DW/A. Slavnic

Колумнистот на бањалучкиот портал „Бука“, Драган Бурсаќ, вели дека говорот на омраза е „симбиоза на неписменост и неспособност во медиумите, на социјалните мрежи и во локалната политика“. Секако, поинаку е артикулиран и изразен, но секогаш го карактеризира таа априорна ексклузивност и навреди. Сите оние кои се користат со говор на омраза знаат дека нема да бидат санкционирани. А, недостатокот на санкции, за жал, дополнително го труе јавниот простор во БиХ“, вели Бурсаќ за ДВ.

Социјални мрежи

Новинарот од сараевскиот весник „Ослобоѓење“, Ѓорѓе Крајишник, смета оти либерализацијата во јавниот простор, поточно поместувањето на сферата на масовно информирање на интернет и популарните социјални мрежи, во целост го изменила и прашањето за говорот на омраза. „Своевидната анонимност и можност за креирање профил под лажни имиња, на форумите и на социјалните мрежи го отвори просторот за различни можности за манифестирање на негативна и заканувачка содржина.

Bosnien und Herzegowina Journalist Djorjde Krajisnik
Ѓорѓе КраишникФотографија: DW/S. Huseinovic

Меѓутоа, интернет просторот, во случајов во БиХ, во никој поглед не би го одделил од она што се официјалните, мејнстрим медиуми. Бидејќи сепак поголемиот дел од населението во БиХ ја негува културата на традиционалните медиуми (телевизија и радио), сѐ она што по пат на традиционалните електронски медиуми се пренесува е воспоставување на извесна иницијална каписла за реакции на социјалните мрежи и на форумите на веб-порталите“, вели Крајишник за ДВ.

Тој верува дека во БиХ е развиена мрежа на „ботови“ кои за потребите на политичките партии оркестрирано прозведуваат нетрпеливост и конфликти на социјалните мрежи. „На крајот, изгледа дека социјалните мрежи и сличните медиуми се само простор на кој во буквална смисла се рефлектираат сите вештачки креирани конфликти во БиХ, и оти интернетот денес се користи пред сѐ за заплашување и манипулирање на стравот“, вели Крајшник.