1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Reax Brüssel CIA-Verhörmethoden

27 август 2009

Во Европа особено остро се критикува обидот на поранешниот американски вицепретседател Дик Чејни да ги оправда бруталните методи на сослушување што ги применувала ЦИА како неопходни и од животно значење.

https://p.dw.com/p/JJGF
Шокиран како и секој цивилизиран човек - Мартин ШулцФотографија: picture-alliance / Sven Simon

Објавувањето на извештајот од ЦИА за методите на сослушување на осомничените за тероризам речиси и не изненади никого во Европа. Уште пред повеќе од три години, специјалниот пратеник на Европскиот совет, Дик Марти, се занимаваше со оваа тема и, во јануари 2006 година, во Стразбур поднесе меѓуизвештај за илегалните активности на американската тајна служба. Марти тогаш заклучи дека има луѓе, наводни терористи, кои биле киднапирани, транспортирани низ Европа против нивна волја и биле затворани. „Тоа е надвор од границите на легалното“, критикуваше Марти.

Малтретирање под превезот на борбата против тероризмот

Dick Cheney
Чејни е еден од најодговорните?Фотографија: dpa

Се работи за тајни затвори на ЦИА, кои во ерата на американскиот претседател Џорџ Буш, функционирале и биле управувани како во Европа, така и надвор од неа. Управата на некои од нив дури се наоѓала во Франкфурт на Мајна, како што произлезе од еден неодамнешен извештај на „Њујорк тајмс“. Како можни локации за тајните затвори се претпоставуваат членките на ЕУ, Полска и Романија. Во овие затвори, според обвинувањата, осомничените за тероризам биле затворани без официјална тужба и малтретирани. „Под превезот на меѓународната борба против тероризмот, очигледно се крши Повелбата за човековите права, но и сите обврзувачки договори на НАТО“, истакна уште во 2005 година тогашната германска европратеничка Ангелика Беер.

Шокантно е да се види што дозволиле Буш и Чејни

Сепак, сега објавените детали околу бруталните методи на сослушување на ЦИА предизвикаа вознемиреност во Брисел. Мартин Шулц, од редовите на социјалдемократите и претседател на пратеничката група на социјалистите во Европскиот парламент, вели:

„Шокиран сум, исто како што е шокиран секој цивилизиран човек. Тајната служба на една правна држава не смее да се однесува така. Шокантно е да се види какви се` методи дозволила владата на Буш и Чејни.“

Eve Ensler Porträt
За тајни затвори на ЦИА во Европа се говореше уште пред три годиниФотографија: Getty Images /G. Gershoff

САД, тогаш, влегоа во борба против меѓународниот тероризам, со цел да ги заштитат човековите права и да ја одбранат демократијата и слободата ширум светот, барем според официјалното образложение. Но, со примената на вакви нелегални средства ги прекршија токму оние вредности за кои, наводно, се бореа, критикува Шулц. Еден од главните виновници за ова е поранешниот вицепретседател на САД, Дик Чејни, кој и денеска ги смета бруталните методи на сослушување за исправни, смета Шулц: „Во моите очи Дик Чејни е меѓу најодговорните за една од највалканите војни што се воделе во последниве декади. А, ако е одговорен и за методите за малтретирање, тогаш тој е навистина човек со кого треба да се позанимаваат државните обвинители и судии.“

За европарламентарецот Шулц зрак светлина е актуелната влада на претседателот Обама. Новиот американски претседател нареди истрага околу методите на сослушување и промена на практиката на сослушување користена од ЦИА. Ова е храбар и далекусежен чекор, не само за САД, туку и за заштитата на човековите права и принципите на правната држава насекаде во светот, истакнува Шулц.

Автор: Зоран Арбутина / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска