Што по негативната одлука на Уставниот суд за изборот на Пацоли?
29 март 2011Косовскиот Уставен суд одлуката ја донесе врз основа на жалбата на 34 пратеници на опозициските партии во земјата.
„Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи дека изборот на претседателот на Косово е неуставен и спротивен на членот 86 од Уставот и на демократските принципи“, се наведува во соопштението од судот.
Експертот за уставни прашања, Мазлум Баралију вели дека членот 86 говори за потребата од двотретинско мнозинство во парламентот и постоење на противкандидат при изборот на претседател.
„Тоа значи дека нештата кои не се сторени како што треба, треба да се сторат правилно и во склад со членот 86 од Уставот“, објаснува Баралију.
Пацоли, како единствен кандидат, беше избран за претседател со 62 гласа, дури по третиот круг гласање во парламентот кога беше доволно просто мнозинство од 61 пратеник. Во првите два круга беше потребно двотретинско мнозинство кое владејачката коалиција не успеа да го обезбеди.
Вториот човек на германското Здружение за соработка со Југоисточна Европа, Јохана Демел вели дека одлуката на судот мора да се гледа низ позитивна призма, како доказ за функционирањето на владеењето на правото во Косово.
„Одлуката на Уставниот суд е за поздравување. За поздравување е тоа што Судот не се конформираше без оглед на резултатите од изборите. Секако дека сега откако изборот беше прогласен за нелегитимен Пацоли мора да се повлече, и да се организира нов избор за претседател на државата. Останува отворено прашањето дали премиерот Тачи ќе може да обезбеди мнозинство за повторен избор на Пацоли“.
Никој не знае што понатаму
Целиот текст и образложението на пресудата ќе бидат познати дури утре, па оттука правните експерти се резервирани во коментарите околу она што ќе следува по ваквата одлука.
Пратеничката на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Вјоса Османи вели дека не се работи за акт на претседателот туку на Собранието, па оттука парламентот ќе треба да одлучи што ќе преземе по одлуката на судот.
„Доколку не се предлагаат конкретни мерки, во тој случај одлучува Собранието“, вели Османи. Таа објаснува дека во тој случај ќе биде неопходно да се постигне политички компромис за следните чекори кои би можеле да водат кон ново гласање, враќање на претходната состојба или нешто сосема трето.
Според дел од правниците, пак, Собранието треба повторно да се распушти и да се оди на вонредни избори, кои би биле втори во последните шест месеци во Косово.
Автор: Зулфија Јакупи/Борис Георгиевски
Редактор: Симе Недевски