1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што открива една црна кутија?

Маркус Литике / Симе Недевски10 септември 2014

Важи за неуништлива и е потребна пред сѐ тогаш кога е веќе предоцна. Црната кутија им служи на експертите за реконструкција на авионски несреќи. Што е всушност црната кутија и како функционира?

https://p.dw.com/p/1D9Q5
Фотографија: picture-alliance/dpa

За стручњаците од германскиот Сојузен завод за истражување авионски несреќи (БФУ), евалуација на црната кутија е секојдневна работа. „Мислам дека секоја втора недела имаме такво нешто“, вели Јенс Фридеман, портпарол на заводот. „Таквите евалуации се работат и за настани кои не се толку спектакуларни, како на пример т.н. сериозни инциденти“. Сериозни инциденти се оние настани кои можат да се опишат како - за влакно избегната несреќа.

Црната кутија првенствено е специјално заштитен уред за снимање, слично на хард диск или мемориска картичка. Тука се бележат сите релевантни податоци за летот, но и разговорите во пилотската кабина. Порано овие компоненти се снимани на два посебни уреди. Во меѓувреме, постојат и комбинирани уреди кои ги имаат двата вида на податоци. Сепак, прописите налагаат дека во авионот мора да има два такви комбинирани уреди.

Тестови на издржливост

Црната кутија мора да биде во состојба да издржи ралични видови на несреќи. Пред да се дозволи вградување во авионот, уредот се тестира дали може да издржи: судир со бетонски ѕид при брзина од 750 километри на час, статичко оптоварување од 2,25 тона најмалку 5 минути, 1.100 степени Целзиусови еден час и притисок од вода на длабочина од 6.000 метри.

Flugschreiber Air France FLASH Galerie
Фотографија: AP

За да се пронајдат полесно во море, уредите во контакт со солена вода испраќаат сигнал кој може да биде примен во радиус од околу 2 километри. Со оглед на толку краткиот радиус на сигналот, тоа значи дека местото на несреќата мора да биде релативно прецизно познато.

Се снимаат и приватни разговори

Дел од црната кутија е еден вид диктафон, кој ги бележи сите звуци во пилотската кабина. Покрај разговорот на пилотите, се снимаат автоматски пораки на компјутер, радио врските, разговор со персоналот во авионот и најавите за патниците. Уредот исто така ги регистрира и звуците на прекинувачите и на моторите.

Секако дека се снимаат и сите приватни разговори на пилотите - поради што е многу важно внимателно ракување со аудио датотеката и од гледна точка на заштитата на личните податоци. Разговорите можат да се евалуираат само поради истражување на несреќи или поправки. Се снима максимално 120 минути, постарите рекордери снимаа само 30 минути. Технички е можно пилотот да го запре снимањето или избрише. Во пракса, вели Јенс Фридеман, тоа никој не го прави.

Зголемување на количеството податоци

Кога станува збор за податоците за летот, односно втората компонента на црната кутија, пилотот не може директно да пристапи до сочуваната датотека. Во постарите авиони пилотите мораат да ја вклучат пред стартот на авионот, модерните машини тоа го прават автоматски. Количеството на собрани податоци станува се’ поголемо. „Денес таму се забележани стотици, понекогаш и илјадници параметри.“ Тоа се патеката на летот, надморската височина, брзина, локација на авионот, температурата на издувните гасови на моторот, позицијата на тркалата и ламелата за слетување.

Die gefährlichsten Berufe Pilot
Фотографија: picture alliance/blickwinkel

Податоците им помагаат на стручњаците во истрагата за причините за несреќа или за сериозен инцидент и со цел намалување на потенцијален извор на грешки. Меѓутоа, тие не можат во целост да го реконструираат летот. „Тоа не се симулира во симулатор или анимација, но веќе врз основа на параметрите можеме нешто да заклучиме.“

За евалуација на црната кутија постојат само неколку специјализирани агенции ширум светот. И притоа, не може секоја агенција да ја евалуира секоја црна кутија. Сојузниот завод во Германија може да ги евалуира западните уреди и некои руски типови. Според Фридеман, замисливо е во иднина да има и видео снимки од специфичниот дисплеј во пилотската кабина. Исто така се работи и на зголемување на сигналот на локаторот под вода.

Инаку, црната кутија никогаш не била црна - според прописите таа е светло портокалова.