1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што открива, а што покрива говорот на премиерот Груевски?

Катерина Блажевска 17 јуни 2014

Партнери во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сметаат-„покажаната самоувереност во говорот на Груевски, интуитивно им сугерира најверојатно најдена 'формула' за постапката за враќање на опозицијата во парламентот“

https://p.dw.com/p/1CJb5
Фотографија: Petr Stojanovski

Што може да направи зборот? Говорот на премиерот на годишнината од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, збогатен со иронија и навредлив 'хумор' на сметка на опозицијата, детално се анализира во домашната јавност. Дали тој воопшто рефлектира каква било кохезивност, која би ја предомислила опозицијата по прашањето за враќање во Собранието или уште повеќе ја турка надвор од институциите? Иако Груевски изрази подготвеност „да и‘ подаде рака опозицијата и пакет за излез од оваа каша“, оценката за неговата искреност и за содржината на мистериозниот пакет, останаа во сенка на неговата серија саркастични алузии за имотната состојба на Заев и Шекеринска, за кои премиерот праша: ако толку заработиле во наводната диктатура, до каде ли ќе стигнеле во демократија?
Дефицит од дијалог

Каква е вистинската цел на еден таков политички говор - да се врати опозицијата или да остане надвор од Собранието? Во земја во која има постојан суфицит од меѓупартиски навреди, а длабок дефицит од зрел политички дијалог, ова прашање и натаму останува неодговорено. Раководството на СДСМ не сака да коментира ништо повеќе од она што партијата го соопшти непосредно по говорот на премиерот.

„Никола Груевски пред младите од неговата партија не проговори ни збор за иселените над 200 илјади млади луѓе во изминатите неколку години, меѓу кои се и млади кои биле поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. За причините и за одговорноста за овој проблем, која лежи во неговите себични политики за лични цели, Груевски се обиде да се скрие зад комедијантско-циничен настап што требаше да насмее и таму каде што и неговите знаат дека не е за смеење. Го упатуваме Груевски, ако сака да спори дали Македонија е диктатура, односно режим, да го стори тоа со меѓународниот фактор, кој почна земјава да ја рангира меѓу хибриди, а не демократии“, реагираше СДСМ, потсетувајќи притоа повторно на случајот „Македонска банка“.

На прашањето дали ќе ја прифатат понудената рака за враќање во Собранието, од партијата одговараат неодредено.

„Со насилната верификација на мандатите на кандидатите за пратеници од oпозицијата, власта ја дозаплетка политичката криза во земјата што самата ја креираше со спроведувањето на системскиот грабеж и фалсификувањето на волјата на граѓаните на последните избори.

Mazedonien - Das Parlament
Дали опозицијата ќе влезе во парламентот?Фотографија: MAKFAX

Позициите на СДСМ по криминалните избори се повеќе пати повторени и Никола Груевски нив многу добро ги знае. Груевски е тој, што ставовите искажани пред подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ, треба да и‘ ги објасни на македонската јавност“, порачуваат од СДСМ.

Ваквиот одговор доаѓа во време кога е извесно дека покрај Роза Топузовска-Каровска, уште две пратенички од опозицијата ќе седнат во парламентарните фотелји, што индицира дека СДСМ нема подготвена стратегија, ниту заштита за декларираната политика на институционален бојкот, од изнендувањата што може да и‘ ги приредат токму нејзини пратеници на денот Д во Собранието.

Најдена формула?

Партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, јавно бегаат од рецензија на говорот на премиерот и неговите пораки. Некои од нив сметаат дека „покажаната самоувереност во говорот на Груевски, интуитивно им сугерира дека најверојатно е најдена 'формула' за постапката за враќање на опозицијата во парламентот“. Според нив, тоа не мора да се случи утре, туку по одреден „грејс период“.

Дали е тоа навистина само интуиција или потврдена информација која веќе кружи во кулоарите на владејачката партија, ќе биде извесно утре, кога Собранието треба да ги констатира пратеничките оставки на опозицијата или можеби да најде модалитет за да го одложи тој чин, со што ќе се потврди дека „пакетот“ на Груевски неформално почнал да се спроведува.

Воздржаност владее и кај коалицискиот партнер ДУИ. Артан Груби, шеф на кабинетот на лидерот Ахмети, вели дека партијата не чувствува никаква потреба да го коментира говорот на Груевски, бидејќи тој бил даден од позиција на партиски лидер, а не од позиција на премиер. Водата ја насочуваат кон својата воденица, укажувајќи дека и лидерот на ДУИ на вчерашната средба во Тетово со новоименуваниот британски амбасадор во Скопје, Чарлс Гарет, истакнал дека очекува СДСМ да се врати во Собранието и да ги презентира своите ставови во законодавниот дом.

„За сите конструктивни иницијативи, СДСМ ќе наиде на наша поддршка, но во овие значајни времиња за земјата, СДСМ треба да преземе одлуки за доброто на државата и граѓаните“, беше наведено во соопштението на ДУИ по средбата Ахмети-Гарет.

Критика да, но со аргументи

Илија Димовски, досегашен директор на Центарот за комуникации и нов координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, не гледа никаков проблем во политичкиот говор на Груевски, напротив, квалитет плус во „подадената рака“.

„Груевски покажа огромна одговорност кон државните приоритети на Република Македонија и огромен степен на разум и рационалност. Тој упати јасна порака до СДСМ, која, ако биде одбиена, ќе и‘ нанесе штета на земјата и ќе покаже дека интересот на социјалдемократите е насочен исклучиво кон партијата, а не кон државата. Груевски нив им подаде рака. А, во однос на критиките, едно мора да биде јасно: постоењето на дијалог не подразбира отсуство на критика. Треба да се научиме дека е добро да се критикува, но и да има дијалог на сите значајни теми. Никаде во демократскиот свет нема мораториум на меѓупартиските критики и СДСМ не може да биде исклучок од таа практика“, дециден е Димовски.

Mazedonien Skopje Statue von Alexander dem Großen
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Аналитичарите сметаат дека е во прашање постојаното ниско ниво на политичката култура во комуникацијата меѓу власта и опозицијата. Тие истакнуваат дека во светот има примери и на многу „погруби и потешки зборови“ во политички говори, но само врз основа на аргументи, а не на навреди. Ваквиот став го поддржува и професорот од Филолошкиот факултет на УКИМ, Људмил Спасов.
„Споменатиот говор е континуитет на повеќегодишно третирање на политичкото како Хобсовска арена на волчја пресметка до меѓусебно уништување на закрвени непријатели, наместо третирање на политиката како легитимен плурализам на вредности, во кој решенијата повеќе се резултат на нужен компромис, отколку на мајоризација и негирање на противникот или другиот.
Она што загрижува е нагласеното потсмевање со постоењето на автентична опозиција, независно за која опозициска партија се работи, односно третирањето на опозицијата како нужно зло или пак форма која поради некој друг, можеби ЕУ или Западот, треба да се задоволи.
Во таа смисла, т.н. 'шеги', односно вистинските навреди, не се одраз на искрена подготвеност за дијалог, туку повторно се одраз на третирање на политичкиот плурализам како форма и непосакувана нужност. Целта е да се покаже кооперативност, но единствено во служба на политичкиот маркетинг, а не желба за започнување политички дијалог“, вели Спасов.
Според аналитичарите, ако целта била со таков говор да се подигне ентузијазмот и моралот кај владејачката политичка групација, а деморализираност кај опонентот, може да се рече дека таа цел е постигната. Во колкава мера, ќе се види според бројот на пополнети или празни опозициски столчиња во парламентот.

Но, ако се има предвид дека никој не знае што содржи најавениот „пакет“ на Груевски, денот Д во Собранието не мора да биде никаков индикатор за крајната одлука на опозицијата, без оглед дали и колку нејзини пратеници сега ќе решат да постапат поинаку од партиската директива.