Што (не) смеете по вакцинацијата против коронавирус?
19 мај 2021Во екот на масовната вакцинација против коронавирусот многумина си го поставуваат прашањето: што смеам, а што не смеам по имунизацијата? Во јавноста кружат безброј теории за овие прашања, па во продолжение се обидуваме да одговориме на најчестите дилеми преку ставовите на германските експерти на темата.
Смее ли да се пие алкохол по вакцинацијата?
Клучна во тој поглед е количината. Една чаша вино веројатно нема да има никакво влијание врз заштитата која ја создава вакцината. Но, алкохолот сепак е клеточен отров и во големи количини може негативно да се одрази врз ефектот на вакцината. Во моментов нема веродостојни податоци за ефектите на алкохолот врз вакцинацијата. Како и да е, препорачливо е да се воздржите од алкохол неколку дена по вакцинацијата или да го консумирате само во многу мали количини. Оние кои имаат несакани ефекти од вакцинацијата, подобро е целосно да се откажат.
Колку спорт е дозволен по вакцинацијата?
Експертите по спортска медицина препорачуваат на денот на вакцинирањето да се избегнуваат спортски активности, за да се одмори телото. Истовремено така ќе овозможите и побрзо заздравување на местото на боцкање. Доколку следниот ден се чувствувате добро и немате несакани ефекти како треска, болка во екстремитетите или мускулите, можете повторно умерено да спортувате. Но во секој случај, не треба да се претерува и во првичниот период најдобро е да се избегнуваат тешки вежби или тренинзи со голема тежина. Доколку реакциите на вакцинацијата се потешки, најдобро е да направите пауза од спортот една до две недели.
Дозволено ли е да се управува со возило?
Според досегашните сознанија тоа не би требало да претставува проблем. Сепак, се зависи од тоа како се чувствувате. По вакцинацијата против коронавирусот и онака се препорачува период од 15 до 30 минути за набљудување од можни несакани ефекти. Доколку по тој период не чувствувате никакви последици, можете слободно да си заминете со возилото кон дома.
Лекови против болка по вакцинацијата
Во препораките за Ковид-вакцинацијата кои ги издаде Институтот Роберт Кох е наведено дека се дозволени, па дури и препорачани одредени лекови.
„При болки или треска по вакцинацијата можат да се земаат лекови против болка или намалување на температурата (на пример парацетамол)“. Но, водете сметка дека таквата препорака се однесува само на периодот по вакцинацијата и доколку евентуално се јават несакани ефекти. Лекови не треба да се земаат уште пред имунизацијата како заштита од евентуалните реакции на организмот, затоа што се претпоставува дека тоа би го намалило ефектот на вакцината. Сепак, досега нема големи студии кои поточно би ги одговориле тие прашања.