1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што мислат граѓаните на Косово за прашањето на статусот?

22 септември 2004
https://p.dw.com/p/Aez6

Оној кој патува за Косово треба да си понесе џепна лампа со себе. И пет години по војната таму редовно има прекини во снабдувањето со електрична енергија. Темни се и стопанските перспективи: две третини од Косоварите се без работа. Единственото што цути е сивата економија, како и организираниот криминал. Околу два милиона граѓани на Косово ги вложуваат сите надежи за подобрување на состојбата токму во стекнувањето статус на независна држава.

“Секако дека сакаме независност. Што ќе биде потоа не знаеме уште, ама во секој случај ќе биде подобро“ - вели овој студент од Приштина, која како и повеќето младите луѓе не гледа никаква перспектива во сегашната преодна состојба под управа на ОН.

“Се зависи сепак од разјаснувањето на конечниот статус на нашата земја. Бидејќи Косово не е вистинска држава, ние актерите на пример не добиваме визи за ангажман во некој филм каде и да е во Европа. Имаме толку многу ограничувања“ - се жали и овој иден актер, кој се уште студира.

Слични се и аргументите на политичарите: инвестициите, проширувањето на образовниот систем од основните училишта до универзитетите, обновата на стопанството – сето тоа може да напредува само во една суверена држава. На сегашната влада во Приштина и се врзани рацете со одлуките на шефот на УНМИК, кој го има последниот збор за сите суштински прашања.

Така мнозинското население. Но, што ќе се случува со српското малцинство од околу 200.000 лица ако Косово стане независна држава? Минатиот март овде гореа куќи и цркви на Србите во погромот на албанското мнозинско население. Една Албанка гимназијалка меѓутоа смета дека Србите сепак не треба да се плашат дека ќе бидат тероризирани ако Косово стане независно.

“Сметам дека тие исто имаат право. Мислам, не сите Срби беа така лоши и верувам дека и тие имаат права...“

Србите кои не избегаа по насилството во март, меѓутоа, не им веруваат на ваквите изјави. Тие се забарикадирани во енклавите на северот, како во поделениот град Косовска Митровица:

“Не, во албанскиот јужен дел на градот не одам, бидејќи се плашам како Србинка. На Србите од Косово во последно време им се имаат случено толку многу лоши работи“ - вели студенктата Адриана. А уличниот продавач на цигари, Милан додава:

“Не верувам дека Србите ќе прифатат независност на Косово. Србите и Албанците не можат да живеат заедно во една држава!“

Меѓународната заедница, меѓутоа, како клучна цел си го зацрта токму мирниот соживот на мнозинското албанско население со малцинствата!