1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што знаел Оберман за подмитувањето на Балкан?

27 септември 2010

Аферата со подмитувањето во Македонија, поради која Државното обвинителство во Бон започна истражна постапка против шефот на Германски Телеком, Рене Оберман, „би можела да биде многу поексплозивна“, пишува „Шпигел“.

https://p.dw.com/p/PNnC
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Што знаел Оберман?“- се прашува германскиот магазин „Шпигел“ во насловот на текстот објавен во денешното издание. На самиот почеток се констатира дека аферата со подмитувањето во Македонија, поради која Државното обвинителство во Бон во средината на септември започна истражна постапка против шефот на Германски Телеком, Рене Оберман, и уште седум лица поради можни корупциски активности во Македонија и Црна Гора, „би можела да биде многу поексплозивна за Оберман, отколку што се претпоставуваше“.

Можната информираност на Рене Оберман, според „Шпигел“, се навестува од материјалот на, како што е надевено, „реномираната американска канцеларија ’Дебевоаз и Плајмптон‘, која е правен советник на Германскиот Телеком. Според него, Државното обвинителство во Бон, ги товари менаџерите на Телекомот дека со македонската влада преговарале за некој вид таен договор. Во него наводно требало исплаќањето милионски суми на владата да се поврзе со недоделување трета лиценца за мобилна телефонија. Спогодбата подоцна била избришана од различни компјутери. Како потврда за сомничењето иследниците од Бон наводно на Телеком му покажале електронски пораки според кои и Оберман би можел да биде информиран за преговорите со македонската влада и за состојбата со тајниот договор. Досега само се наведуваше дека Оберман во разговор со шефот на македонски Телеком ја условил исплатата на дивидендата со колку што е можно позабавено отворање на пазарот на телефонија“, се вели во текстот на „Шпигел“. Американските адвокати, известува магазинот понатаму, сепак сметаат дека нема докази за учествуво на Оберман во составувањето на договорот, ниту дека знаел за него, и оти пораките можат и поинаку да се сфатат, а самиот договор правно не е спорен.

Исто како лиценца за печатење пари

Logo: Süddeutsche Zeitung

„Зиддојче цајтунг“ денеска известува дека обвинителството во Бон располага со „многубројни документи од кои произлегува сознание за сомнителни деловни постапки на Телекомот“. За наводниот договор за неиздавање натамошни лиценци за мобилна телефонија, за кој според весникот преговарал Унгарскиот Телеком, фирма ќерка на германскиот, се вели дека „за Телеком и неговиот меѓународен бизнис во мобилната телефонија тоа би било исто како да добиле лиценца за печатење пари. А за тој оддел надлежен беше Оберман, пред да се искачи до шеф на Управниот одбор на крајот од 2006 година“. Весникот уште известува и дека американската адвокатска канцеларија, ангажирана од Телеком, била вклучена и во корупцискиот скандал во концернот „Сименс“. На крајот се’ се сведува на прашањето: знаел ли Оберман нешто за махинациите на својот концерн на Балканот или дури и самиот се вклучил во нив, или пак сето се одвивало без негово знаење. „Прашањето е колку возбудливо, исто толку и решавачко“ завршува „Зиддојче цајтунг“.

Автор: „Шпигел“/„Зиддојче цајтунг“/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска