1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што е всушност „Исламска држава“?

С.Кимбал,С.Хепнер/С.Недевски12 август 2014

Областа, која во меѓувреме ја контролира „Исламската држава“ е огромна. Како дојде до распространување на терористичката група и каква врска има соборувањето од власт на Садам Хусеин со „Исламската држава“?

https://p.dw.com/p/1Csb6
Фотографија: picture-alliance/abaca

„Исламска држава“ е сунитска екстремистичка група, настаната од остатоците на Ал Каеда во Ирак. Оваа терористичка група сака со примена на сила да создаде сунитска божја држава, која би ги опфаќала Сирија и Ирак, ама и Либан, Израел и Јордан. Тоа би значело бришење на во дел произволно повлечените национални граници во регионот од страна на колонијалните сили. „Исламската држава“ веќе контролира делови од Сирија и Ирак.

Борба против Асад и САД

Експертите за Блискиот Исток поаѓаат од тоа дека „Исламската држава“ првобитно ја финансирале Саудиска Арабија, Катар, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати за да ја поддржат нејзината борба против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад. Но докази за ова тврдење нема. Во меѓувреме оваа група, наводно има околу 10 илјади борци, меѓу нив и многу сунити од северна Африка, земјите од Персискиот залив, како и конвертити од Европа и од САД.

Изворно „Исламска држава“ настана како група на отпорот против американската интервенција во Ирак во 2003. година. Тогаш од власт беше соборен ирачкиот претседател Садам Хусеин, беше забранета неговата националистичка партија БААС и беше распуштена армијата. Екстремистите меѓутоа не ги напаѓаа само американските војници, туку извршуваа и самоубиствени напади врз шиитите и христијаните.

Јорданец како прв лидер

Оваа група на почетокот се состоела претежно од поранешни војници и приврзеници на Садам Хусеин и на неговата партија, а потоа се радикализира по раководство на јорданскиот исламист, Абу Мусаб ал Заркави. Овој поранешен ситен криминалец, во затвор почнал да се интересира за екстремистичките идеи. Во Авганистан против владата во Кабул се борел од 1989. до 1992. година. Јорданските власти повторно го уапсија Заркави во 1994. година, за пет години подоцна да биде пуштен на слобода во рамките на една генерална амнестија.

Се врати во Авганистан, но беше принуден да побегне во северен Ирак откако талибанците беа соборени од власт за време на американската интервенција во 2001. година. Во Ирак тој беше водач на арапската милитантна фракција во рамките на курдската група Ансар ал Ислам, а подоцна основа огранок на Ал Каеда во Ирак.

ISIS Kämpfer in Syrien 30.06.2014
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Ирачката граѓанска војна

Во 2006. година ирачка Ал Каеда ја бомбардираше џамијата Ал Ашкара во градот Самара и го оштети едно од најсветите места на шиитскиот ислам. Тој напад предизвика жестоки тензии меѓу сунитите и шиитите кои траеа сѐ до 2008. година.

Приврзениците на Заркави постапуваа толку брутално и бескомпромисно, така што и сунитските племиња во западната провинција Анбар им го завртеа грбот и започнаа да соработуваат со Американците. Во јуни 2006. година американската војска со воздушен напад го уби Заркави.

Го наследија Абу Ајуб ал Масри и Абу Омар ал Багдади, а „Ал Каеда во Ирак“ беше преименувана во „Исламска држава во Ирак“. Три години подоцна американската армија заедно со ирачките војници ги уби и овие двајца терористички водачи при една рација. Насилството во Ирак потоа значително опадна и се чинеше дека „Исламската држава во Ирак“ е главно поразена.

Борбата префрлена во Сирија

Меѓутоа по повлекувањето на американските трупи од Ирак во декември 2011. година „Исламската држава во Ирак“ започна повторно да се групира на чело со Абу Бакр ал Багдади. Тој оваа милитантна група ка преименува во „Исламска држава во Ирак и Левант (Голема Сирија)“ односно ИДИЛ. Со тоа име сакаше да се стави до знаење дека ИДИЛ сега има поголеми цели. За новиот водач се знае малку. Наводно е роден во 1971. година во Багдад. Истотака се наведува дека поранешниот шеф на оваа организација, Јорданецот Ал Заркави го запознал во Авганистан.

Граѓанската војна во Сирија, борците на ИДИЛ ја искористија за да ја преминат границата и да се борат против претседателот Башар ал Асад. Во тоа време ИДИЛ се скара со централата на Ал Каеда во Пакистан, на чие чело по смртта на неприкосновениот лидер Осама бин Ладен застана Ајман ал Завахири кој го одби обидот на ИДИЛ да соработува со една друга група во Сирија, блиска до Ал Каеда.

Irak Flüchtlinge 03.08.2014
Фотографија: picture-alliance/AA

Прогласување на „Исламска држава“

И покрај очигледниот раздор со Ал Каеда борците на ИДИЛ во Сирија беа исклучително „успешни“- како во борбата против Асад и неговите приврзеници така и против умерените бунтовници. По создавањето на едно упориште на североистокот на Сирија, ИДИЛ покрена офанзива во Ирак и на почетокот на јуни го зазеде вториот по големина град во оваа земја-Мосул. По колапсот на државните безбедносни сили борците на ИДИЛ можеа да напредуваа кон натамошни области на северот и на западот на Ирак.

На крајот на јуни ИДИЛ прогласи „Исламска држава“ која според сфаќањата на оваа група, се простира на границите на Ирак и на Сирија и на чело со Абу Бакр ал Багдади како калиф. Во таа „Исламска држава“ важат шеријатски закони, а жените се принудени преку закана со смрт целосно да се прекриваат и да носат никаб. Религиските малцинства како христијаните и езидите мораа да избегаат пред борците на ИДИЛ откако и ним им се беа заканиле со смрт.

„Исламската држава“ сега е посилна од кога било порано. За време на нејзините напади, оваа терористичка група успеа да украде милиони долари и да освои повеќе нафтени полиња во Ирак и во Сирија. Во нивниот плен, меѓутоа се најде и оружје на војската на САД.