1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300709 Dienstwagenaffäre Schmidt

30 јули 2009

Два месеца пред парламентарните избори во Германија, денеска (30.07.2009) Франк-Валтер Штајнмајер ќе го претстави својот изборен тим. Актуелниот вицеканцелар и шеф на дипломатијата е главен кандидат на СПД за изборите.

https://p.dw.com/p/IzvU
Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: dpa

Во тимот на Штајнмајер се застапени практично сите актуелни министри во владата на канцеларката Ангела Меркел од редовите на СПД, освен министерката за здравство Ула Шмит - до целосното расчистување на аферата со користењето на службениот автомобил.

Барем привременото исклучување на, инаку, популарната министерка за здравство Ула Шмит од изборниот тим на главниот кандидат за иден канцелар на социјалдемократите Франк Валтер Штајнмајер е прва потешка последица од целата афера со службениот автомобил. Министерката Шмит смета дека таа е жртва на недолична кампања во јавноста и поради тоа, за вчера попладне, свика прес- конференција. Притоа, Ула Шмит побара медиумите да се позанимаваат со фактите: „Вчера му дадов информации на претседателот на парламентарната комисија за буџетски прашања, а истите ги испратив и до Заводот за платен промет. На обете институции секако им стојам на располагање за сите можни прашања. Со тоа покажав дека за мене е само по себе разбирливо штедливото однесување со парите на даночните обврзници и апсолутно сум сигурна дека проверките ќе го потврдат ова мое тврдење.“

Deutschland Gesundheitsministerin Ulla Schmidt zurück in Berlin mit Dienstwagen
Ула Шмит е соочена со обвинувањаФотографија: AP

Министерката не беше подготвена да одговара на прашања на новинарите, посочувајќи дека надлежните контролни тела сега се занимаваат со обвинувањата против неа. Затоа, пак, категорично нагласи дека едно нешто сигурно не може да и’ се префрли: „Дека сум го загубила контактот со реалноста, бидејќи долго се занимавам со политика. Напротив, во целата моја политичка активност им стоев на располагање на граѓаните, ги слушав нивните проблеми и се обидував да најдам решение за нив. Секогаш бев и останав една од нив - и тоа ќе биде така и понатаму!“

Турнејата на Штајнмајер по Германија почнува идната недела

Министерката Ула Шмит имаше повеќечасовна средба и со главниот кандидат за иден кандидат на нејзината Социјалдемократска партија, Франк Валтер Штајнмајер, по што беше заклучено дека таа засега нема да му припаѓа на неговиот изборен тим: „Се согласивме таа да не биде член на тимот се’ додека не се разјаснат сите елементи од аферата со користењето на службениот автомобил за приватни цели“, порача Штајнмајер, кој напладне ќе го објави комплетниот список, а од идната недела ќе тргне по изборна турнеја низ цела Германија.

Автор: Бетина Маркс / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска