1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнбах: Се ближи крајот на „Исламската држава“

Нина Нибергал / превод:НД8 јули 2016

Во Сирија и Ирак веќе со месеци „Исламската држава“ ги губи освоените територии, но ширум светот продолжува со напади. Експертот за Блискиот исток, Удо Штајнбах, препознава промена на стратегијата кај терористите.

https://p.dw.com/p/1JKy3
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

ДВ: Господине Штајнбах, минатата седмица во напад во Багдад загинаа повеќе од 200 луѓе, најмалку 45 во Истанбул, а 22 лица загинаа во Дака, главниот град на Бангладеш. Дали позади овие напади стои „Исламска држава“?

Удо Штајнбах: Позади овие напади се кријат групи кои се изјаснуваат како дел од ИД. Сметам дека тука не можеме да говориме за стратегија која е планирана некаде во Сирија или Рака, главниот град на калифатот. ИД во меѓувреме доби симпатизери во многу делови од исламскиот свет, од Боко Харам во Нигерија до Мали и Јемен.

Последните напади беа извршени на три различни континенти. Дали помеѓу одделните групи постои одреден вид на соработка?

Тие групи се декларираат како членови на ИД едноставно затоа што им е потребна политичка рамка за нивните активности. Формално тие не се поврзани со Исламската држава во Рака. Тоа е всушност еден вид на пропаганда со која се сигнализира дека ИД е посилна од поединечните групи во Мали, Јемен или Авганистан. Исламската држава му порачува на светот: Ние сме целина, држава.

Тоа звучи како нова Ал Каеда. Дали ИД успеа да се развие од регионална во меѓународна терористичка мрежа?

Очигледно е така. Изворно, идеологијата на ИД беше основање на исламска заедница, калифат, со што се настојуваше да се покаже дека „Исламската држава“ е алтернатива на постоечките држави на Блискиот Исток. ИД првично се фокусираше на блиските непријатели. Во исламистичката идеологија, меѓу нив се вбројуваат непријатели внатре во сопственото општество. Изгледа дека сега дојде до промена на стратегијата која се концентрира на „надворешните непријатели“, односно непријатели надвор од исламскиот свет, Европејци и Американци.

Infografik Karte IS Terroranschläge weltweitet Englisch
Најголемите напади на Исламската држава низ светот

Како ја објаснувате таквата стратегија?

Се води темелна дискусија помеѓу терористичките групи, односно дали прво треба да се води борба против проблемите во нивните заедници и тие да бидат претворени во „Исламска држава“ или да се победат Американците, Европејците и неверниците како што дејствуваше Ал Каеда по нападите од 11.09.2001 година. ИД ѝ го сврте грбот на Ал Каеда и создаде своја стратегија. Тоа доведе до поделби и во двете групи. Кога ИД се најде под притисок во Сирија и Ирак, се чини и Калифатот беше доведен во опасност, така ИД се сврте кон „надворешните непријатели“ и на тој начин повторно се приближи кон Ал Каеда.

Дали темелните промени во ИД предизвикуваат губење на кредибилитет кај своите следбеници?

Доколку го погледнеме големиот број на исламистички групи, тогаш во смисла на нивната идеологија сѐ уште постои доста висок степен на флексибилност. Дискусијата за идеолошката стратегија е едно, а прагматизмот на водењето војна е друго. Се напаѓа таму каде што се најголеми шансите и таму каде што ќе бидат најделотворни.

Во моментот, можностите за напади и нивна делотворност се далеку повисоки во Сирија и Ирак за разлика од пред една година. Колку се силни темелите на кои се темели власта на ИД во регионот?

Таму ИД мора да се грижи за својата егзистенција. Во Ирак веќе изгуби поголем дел од територијата. ИД сѐ уште го држи под контрола Мосул, но воените подготовки на ирачкото водство за ослободување на Мосул се во тек. Во Сирија, противниците на ИД, главно курдски трупи помогнати од САД, веќе заземаат подрачја кои се од стратешко значење за ИД. Со тоа се ближи крајот на ИД. Мислам дека и луѓето во ИД се свесни за тоа исто како и оние кои во име на ИД вршат напади низ целиот свет. Како што се наближува физичкиот крај на ИД во Сирија и Ирак, кај другите групи надвор од ИД сè поголема e одлучноста да напаѓаат низ целиот свет. Меѓутоа, физичкиот крај на ИД не значи и крај на исламистичкиот тероризам.

Како треба да реагираат државите кои се загрозени од тероризам на новите стратегии на ИД?

Германија ги поддржува Курдите во борбата протв ИД. Одлуката да се поддржи военото раководство во борбата против ИД беше вистинска и многу ефикасна. Второ, мора подобро да ги набљудуваме терористичките мрежи на ИД. Трето, мора да развиеме еден вид контрастратегија кон оние во нашето општество кои се подготвени да заминат во подрачјата на „Исламска држава“.

Исламскиот теолог проф. Удо Штајнбах повеќе од 30 години беше раководител на Германскиот институт за Ориентот во Хамбург. Во 2009 година е основач на Хумболт-Виадрина Школата за Управување во Берлин која се занимава со општествата во Централна Африка и средниот Исток.