Шри Ланка: Премиерот стана привремен шеф на државата
15 јули 2022Премиерот Ранил Викремесинге денеска положи заклетва за привремен претседател на Шри Ланка додека парламентот не избере наследник на Готабаја Раџапакса, кој избега од земјата и поднесе оставка по масовните протести поради економскиот колапс во земјата.
Викремесинге во телевизиска изјава рече дека за време на неговиот краток мандат ќе преземе чекори за измена на уставот со цел намалување на овластувањата на претседателот и зајакнување на парламентот. Тој, исто така, рече дека ќе го врати законот и редот и ќе преземе правни мерки против „бунтовниците“.
Претседателот на парламентот на Шри Ланка соопшти денеска дека е прифатена оставката на Раџапакса и оти пратениците ќе се сретнат утре да изберат нов лидер.
Новоизбраниот претседател ќе треба да отслужи до крајот на мандатот на Раџапакса кој завршува во 2024 година, соопшти претседателот на парламентот Махинда Јапа Абејвардана. Тој рече оти очекува овој процес да биде завршен за седум дена.
Новиот претседател би можел да именува нов премиер кого ќе мора да го одобри и парламентот.
Шри Ланка остана без пари да ги плати основните намирници, како што се храна, ѓубриво, лекови и гориво, што ги стави во тешка положба нејзините 22 милиони жители. Рапидниот економски пад е уште подраматичен со оглед на тоа што пред кризата економијата во земјата беше во експанзија, а средната класа се ширеше.
Повеќемесечните протести во земјата го достигнаа врвот минатиот викенд кога демонстрантите упаднаа во претседателската палата и во официјалната резиденција на премиерот. Раџипаска и неговата сопруга побегнаа со воен авион во средата во текот на ноќта. Во четвртокот отидоа во Сингапур, каде, според наводите на властите на овој град-држава, не побарале азил.