1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпионска дипломатија во бугарските одморалишта

Кристофер Неринг
28 ноември 2019

Мит е дека тајните агенти не одат на одмор. Омилена цел на шпионите била Бугарија. Тоа го откри Кристофер Неринг, кустос на Германскиот музеј за шпионажа во Берлин во новата книга „77 митови од светот на тајните служби“.

https://p.dw.com/p/3TsJV
Bulgarien Tourismus
Фотографија: picture-alliance/robertharding/S. Black

„Од Бугарија најмногу ми остана во сеќавање кога со убав автомобил ме возеа во прекрасни планини и на плажите, и како кон мене, а понекогаш со мене беше и мојата сопруга, се однесуваа како кон некој паша. Никогаш претходно и никогаш подоцна не доживеав таква гостопримливост. Бугарите не` ’потопуваа’ во нивното скапоцено вино, организираа исклучителни свечености во најдобрите одморалишта на Комунистичката партија, покрај тоа ловевме дивеч, патки или фазани во ловиштата резервирани за претседателот Тодор Живков и бугарската елита. Понекогаш нивната желба да ни се допаднат нам, своите постари словенски браќа, попримаше апсурдни форми“.

Ова се сеќавањата на генерал Олег Калугин, долгогодишен шеф на контраразузнавачкиот оддел на КГБ. Тој за Бугарија пишува како за рај за земски уживања, генералот на тајната служба, навикнат на одрекувања во Советскиот Сојуз, често одел во „16. советска република“, како што на шега ја нарекувале најмалата членка на Источниот блок за време на Студената војна. Еден од највисоките по ранг луѓе во КГБ во Бугарија не доаѓал службено, туку поради уживање. Зашто, оваа земја, од аспект на советската тајна служба, била неинтересна. Понекоја информација за НАТО во Грција или Турција, понекоја врбувана девојка на брегот на Црното Море и покрај тоа целосно покорување на волјата на Москва. Сето тоа можело да се занемари, но виното, планините, морето и храната  - тоа на советските другари им оставало силен впечаток.

Културна дипломатија и „ракија-дипломатија“

Со суровини и индустрија сиромашната земја во 1950-те го открила својот посебен капитал, кој до денес привлекува милиони туристи: гостољубивост, природа и кулинарство. И бугарската тајна служба знаела како тоа да го искористи.

На Запад, ЦИА своите колеги од германската БНД ги канела на тринеделни патувања во САД, тоа се нарекувало културна дипломатија, а требало идните шефови на германската тајна служба да ги импресионира со големината и силата на САД.

Pirin Berg in Bulgarien
Бугарија мами со природните убавиниФотографија: SWU Neofit Rilski

Злогласната Државна безбедност во Бугарија против тоа контрирала со „ракија-дипломатија“. На пример, тони бугарски деликатеси биле испраќани до колегите во Штази во Источен Берлин. Само во 1974 година им испратиле еден тон грозје, 500 килограми круши, 1.000 килограми краставици, 500 шишиња вино „Кадарка“, 500 килограми овчо сирење. Социјалистичкото пријателство се развивало и преку желудникот.

Кога не било можно одржување средби на највисоко ниво, едноставно министерот Ерих Милке бил канет својот летен одмор да го помине во Бугарија. Тогаш за важните теми се разговарало во опуштена атмосфера, по што се констатирало: „Овој вид контакти е многу корисен зашто на раководството на министерствата им овозможува ширење познанства со раководителите на братските органи.“

Омилени одморалишта

Слично како и кон офицерите на КГБ, бугарската Служба за државна безбедност им се додворувала и на источногерманските колеги со редовни покани за годишен одмор. За таа цел секоја година на располагање стоеле 25 места во одморалиштата на Црно Море или во планините.

На пример, во 1970. година на еден таков одмор бил долгогодишниот шеф на шпионажата на Германската Демократска Република, Маркус Волф. Во едно одморалиште на Државната безбедност на Стара Планина, го читал советскиот весник „Правда“ и не можел да верува. Во Москва токму тогаш германскиот сојузен канцелар Вили Брант со потпишување на Мосовската спогодба, им дал нова насока на односите меѓу Исток и Запад. А и по падот на Берлинскиот ѕид жителите на гратчето Априлиси наводно го гледале Волф на базен. Овојпат тој сигурно на одмор бил на сопствен трошок. 

Breschnew und Willy Brandt / Foto 1973, Treffen auf dem Petersberg
Средбата на Брежње во Брант го изненадила шпионот ВолфФотографија: picture-alliance/akg-images

За бугарските другари парите очигледно не играле никаква улога кога требало да се претстават во улога на добри домаќини. Тоа посебно важело за „специјалните операции“. Во 1967. година Маркус Волф лично патувал во Бугарија на состанок со еден од најважните соработници во владејачките кругови во Бон. Веднаш го поддржале неговите бугарски колеги, организирале двонеделно патување низ целата земја, а на крајот дури и ги презеле и сите трошоци.

Великодушните Бугари и прецизните сметки

Висината на трошоците во таквите „специјални акции“ ја илустрира еден друг случај. Во јули 1974 година источноберлинските шпиони најавиле средба со агент во Бугарија. Веројатно станувало збор за средба со пратеникот во Бундестагот, Валтер Флеминг, кој од 1969. година соработувал со Штази под кодните имиња „Јулиус“ и „Валтер“.

Повеќе: 

Поранешните шпиони не водат „гламурозен живот“

Шпионажа како наставен предмет: „007“ влегува во слушалните

Оружје, пари и агентка на Кремљ

Исфрлање на дипломати: Шпионирај ме нежно

По една недела во одморалиште на Црното Море, целата екипа на источногермански и бугарски офицери на тајните служби, вклучувајќи и женски придружнички, заминала во планинското лекувалиште Пампорово. За пет дена изеле и испиле храна и пијалоци за 1081,18 лева. А се` било педантно наведено: 56,40 лева за 22 килограми овчо сирење, 208,90 лева за месо и 65 килограми риби, 88,98 лева за 75 шишиња вино...

Неслучајно оваа средба го добила кодното име „Орфеј 74“. Вкупните трошоци кои доброволно ги презела бугарската тајна служба изнесувале 6010,37 лева, од кои 4878 лева за бугарски деликатеси и алкохол.

Слична великодушност бугарската тајна служба демонстрирала и при доаѓањето на бившите шпиони од ГДР и Советскиот Сојуз. А сите доаѓале. Од шпионот на КГБ, Ким Филби, преку кртицата на КГБ во германската тајна служба БНД, Хајнц Фелфе, потоа шпионот во бирото на канцеларот, Гинтер Гијом, до бившата секретарка на НАТО, Урзел Лоренцен.

Оние кои во социјализмот работеле како шпиони, можеле да се надеваат на заслужен одмор. Бугарија притоа била омилена цел. А бугарската тајна служба надеж вложувала во гостопримливоста, убавата природа и бугарската кујна како добро средство на шпионската дипломатија.