1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шпанија ќе биде предводник“

Дирк Кауфман/З. Јордановски2 септември 2015

Шпанскиот премиер Рахој при посетата на Германија се пофали со високата стапка на стопански пораст. Но, неговата земја и натаму страда од висока невработеност, а наесен му претстојат и избори.

https://p.dw.com/p/1GPr7
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Поборниците на европската антикризна политика, на чело со германскиот канцелар Ангела Меркел, со примерот на Шпанија имаат добри аргументи за спротивставување на критичарите. Клучните економски податоци во четвртата по големина економија во еврозоната покажуваат нагорен тренд, во некои делови дури и навистина силен. Премиерот Мариано Рахој предвидува дека стопанскиот пораст годинава ќе изнесува 3,3 проценти: „Шпанија ќе биде предводник меѓу европските земји“, пишува тој за весникот „Ханделсблат“. Но, небработеноста останува вознемирувачки висока, а освен тоа несигурност внесуваат и претстојните регионални и национални парламентарни избори.

Непредвидливости во политичката сфера

Во самата Шпанија, а и во странство, прогнозите за стопанскиот пораст навистина беа кригирани нагоре, но „сите под претпоставка дека ќе изостанат неповолни околности - интерно и екстерно“, како што забележа германската Агенција за инвестиции ГТАИ.
Непредвидливостите доаѓаат првенствено од внатрешно-политичкиот развој. Кон крајот на септември ќе се одржат регионалните избори во Каталонија, чија влада се стреми кон отцепување од Шпанија и се надева дека на изборите ќе добие мандат за тоа. Кон крајот на годината претстојат и општите избори во земјата - а тука, првенствено противниците на штедењето, за протестната партија Подемос ги врзуваат шпекулациите за пресврт.
Но, според најновите анкети, изгледите за тоа не се толку поволни, колку што беа пред неколку месеци. Но, ова може брзо да се промени. Во Грција видовме како една радикална промена може целосно да го сврти поволниот стопански тренд.
Доколку победи Рахој, кој со својата конзервативна „Народна партија“ владее од 2011 година со апсолутно мнозинство, би требало се’ да остане по старо. „Стабилност, готовност за реформи, ригорозност, свест за одговорноста и штедливост“ - тоа го наведува Рахој како суштински елементи на една политика, која во неговата земја, како и во цела вропа може и натаму да гарантира благосостојба. Ни Меркел и германскиот министер за финансии Шојбле не би го кажале тоа поинаку. Подемос и и други критички настроени сили во шпанската политика, пак, сакаат да го запрат тој курс на штедење.

Deutschland Mariano Rajoy und Angela Merkel PK in Berlin
Мариано Рахој и Ангела Меркел во Берлин, 01.09.2015Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Повод за надеж

Во моментов изгледа како на Шпанија да и’ успеа впечатливиот пресврт од „европски болен“ да стане актуелен поттикнувач на порастот. А до пред само неколку години земјата уште беше на дното. Во 2012 мораше да побара помош од Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ), за разнишаните банки да не го повлечат во амбис целото стопанство.

Во меѓувреме земјата повторно има многу ветувачки перспективи за стопански пораст, повисок и од Германија, која до 2018 година не ќе може да прикаже предвидлив портаст од околу три проценти. Шпанија во моментов постигнува највисок пораст од почетокот на светската финансиска криза пред осум години. Бруто домашниот производ (БДП) од април до јуни годинава порасна за 1,0 процент во однос на претходниот квартал - повеќе од двојно повисоко од германскиот пораст. За тоа придонесоа како приватната потрошувачка, исто така и инвестициие и извозот.

Поволно и за германскиот извоз

Од ваквиот тренд профитира и германскиот извоз во Шпанија: во првата половина од годинава тој е зголемен за повеќе од 11 проценти - наспроти 6 проценти во целата ЕУ - и достигна вредност од 19,5 милијарди евра. Шансите за продолжение на нагорниот тренд не се лоши. Една од причините е туристичкиот бум: во јули бројката на посетители порасна за 6,3 проценти во споредба со лани и достигна рекордна вредност од 8,8 милиони туристи. Туризмот сочинува околу 11 проценти од БДП и очигледно придонесува за заздравувањето на целата шпанска економија.

Но, има и потемни страни, на пример невработеноста. Стапката изнесува 22,5 проценти. И покрај трендот за намалување, таа и натаму е двојно повисока од просекот во целата еврозона. Се’ уште има далеку над пет милиони невработени луѓе во Шпанија. Рахој укажува дека лани и годинава се создадени преку еден милион работни места, но со тоа ни оддалеку не е компензирана загубата на речиси 3,5 милиони работни места во годините пред тоа.