1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шмит: Мегаломанија на ЕУ и лудости во политиката кон Украина

Избор: Ж. Ацеска16 мај 2014

Поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит во интервју за „Билд“ ја обвинува ЕУ за погрешна политика во однос на Украина. „Косово и Крим не се исто“, пренесуваат весниците став на германската министерка за одбрана.

https://p.dw.com/p/1C1F0
Фотографија: Getty Images

Весникот „Билд“ пренесува дел од интервјуто со поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит, кој има 95 години, и тоа делот кој се однесува на претстојните избори за Европскиот парламент на 25 мај.

Во него, на прашањето што им препорачува на граѓаните на ЕУ, зошто да излезат на гласање, Шмит одговара:

„Би им рекол, одете да гласате, иако власта всушност е во рацете на бирократите од ЕУ и министрите за надворешни работи, премиерите и претставниците на државите-членки. Но, малата излезност само би го влошила проблемот.“

Шмит смета дека прво што треба да направи новиот Европски парламент, е да изврши „пуч“ против Европската комисија, која во меѓувреме се состои од 28 еврокомесари и илјадници бирократи. Парламентот, според Шмит, треба да има многу поголема моќ во однос на бирократите од Брисел, што е можно само ако во ЕП се крене востание.

На прашањето на „Билд“, дали Брисел премногу се меша во работите на државите членки, Шмит со одговор:

„Не само тоа, тој премногу се меша во светската политика, иако мнозинството комесари малку се разбира во неа. Последниот пример е обидот на Комисијата да ја приклучи Украина. А потоа да ја приклучи и Грузија. Да потсетам, Грузија не е во Европа. Тоа е мегаломанија, ние таму немаме што да бараме“.

Шмит истакнува дека тој не бара поголема воздржаност од ЕУ во надворешната политика, туку од службениците и бирократите во Брисел. Тие слабо се разбираат во работите, ја ставија Украина пред изборот: Исток или Запад.

Шмит, на прашањето дали Европа се наоѓа на работ на амбисот, како пред Првата светска војна во 1914 година, со одговор:

„Ситуацијата се‘ повеќе почнува да личи на тогашната. Европа, Американците и Русите се однесуваат онака како што убаво опиша Кристофер Кларк во својата книга ’Месечари’, опишувајќи ја ситуацијата пред војната“, вели Шмит за „Билд“

„Косово и Крим не се исто“

И украинската криза - тема во весниците. Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен ги отфрла споредбите на рускиот претседател Путин на отцепувањето на Косово од Србија со анексијата на Крим.

„Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен смета дека воената интервенција на НАТО во косовскиот конфликт пред 15 години не била спротивна на меѓународното право“, пишува весникот „Ди велт“.

„Во текот на посетата на Косово (15.05) фон дер Лајен изјави дека не се согласува ни со оценките на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, дека тој како тогашен шеф на владата сноси дел од одговорноста за воздушните напади на НАТО.

’Не се согласувам со тоа. Многу пред интервенцијата имаше јасни укажувања, докази и извештаи за сериозно кршење на човековите права, за заканувачки геноцид. Покрај тоа, Советот за безбедност во неколку наврати беше повикуван на помош. Затоа, ситуацијата во тоа време на Косово не може да се споредува со анексијата на Крим од страна на Русија’, изјави министерката.

Шредер пред неколку недели изјави: ’Јас лично го прекршив меѓународното право’. Тој како канцелар во 1999 година испрати на Балкан авиони „Торнадо“, кои учествуваа во бомбардирањето на Србија од страна на НАТО, без резолуција на Советот за безбедност на ОН. Русија и Кина во ова тело беа против интервенција.

Урсула фон дер Лајен истакнува дека почетната ситуација на Крим беше сосем поинаква. ’Каде беа повиците на ОН? Каде е барањето Советот за безбедност на ОН да преземе акција? Каде е повикот до меѓународната заедница? Сето тоа го немаше. Затоа, двете ситуации не се споредливи’, изјави министерката.

Таа ја пофали мисијата на КФОР на Косово, оценувајќи ја за успешен пример за мирно решавање на конфликти. Развојот во оваа балканска земја, истакна министерката, на импресивен начин покажува како од речиси безизлезна ситуација може да се најде пат во мирна иднина“, пишува „Ди велт“.

Весникот потсетува деке Бундесверот на Косово е присутен со 700 војници и со 15 години тоа е негова најдолга мисија.

Весникот „Зиддојче цајтунг“ за посетата на министерката Урсула фон дер Лајен на војниците на Бундесверот на Косово пишува дека таа сакала да се сретне и со политичките претставници на Косово, но до тоа не дошло поради предизборната кампања за предвремените избори, закажани за во јуни.

„Спорниот премиер Хашим Тачи повторно се кандидираше, па во германското министерство за одбрана, според воени кругови, постоело стравување дека средбата со него би можела да биде инструментализирана во кампањата. Но, тогаш се појавил уште еден проблем. Имено, германската министерка радо сакала да се состане со својот косовски колега, министерот Агим Чеку. Но, косовската страна, според информации од воени извори, средбата со Тачи ја ставила како услов за разговор со Чеку, или двајцата или ниеден. Затоа, министерката Урсула фон дер Лајен одлучила да не се сретне со ниеден од нив“, пишува „Зиддојче цајтунг“.