1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЈапонија

Шинзо Абе: Човек кој ги влечеше конците во Јапонија

Катрин Ердман | АРД
8 јули 2022

Долгогодишниот јапонски премиер Шинзо Абе ја сврте земјата кон десно. Проблем не му претставуваше ниту пацифистичкиот Устав. На Запад стана познат по својата „Абеномија“.

https://p.dw.com/p/4DrKu
Japan l Ex-Regierungschef Shinzo Abe ist tot
Фотографија: Jorge Silva/REUTERS

Lets‘ go, let's go, повика Шинзо Абе во 2006 година. Тогаш либералдемократот беше првпат инаугуриран на функцијата премиер на Јапонија. Тоа нема да биде и единствен пат - десноконзервативниот политичар ќе остави печат на земјата, „Составив кабинет кој треба да создаде убава земја“, изјави Абе. Но, од тоа не излезе ништо. По горчливиот пораз на изборите, тој мораше да се повлече по само една година.

Во 2012 година, по катастрофата во Фукушима и несреќата на демократите, Абе се врати на премиерската функција. Вети економски реформи, т.н. „Абеномија“, која требаше да го осигура функционирањето на третата по големина економија во светот и на 126-те милиони Јапонци да им обезбеди подобар живот.

Првиот странски гостин на Трамп

Под негово водство, земјата скршна кон десно. Тој ги промени безбедносните закони и го зајакна сојузот со САД. По изборот на американскиот претседател Доналд Трамп, тој беше првиот странски гостин во Белата куќа - двајцата политичари заедно играа голф.

Дома, во Јапонија, Абе и донекаде неговата сопруга беа вмешани во разни скандали. Но, и покрај огромните докази, тој се извлече со едно „помодрено око“. Против него имаше протести и повици за оставка. Но, Абе секогаш беше добро вмрежен и беше човек кој ги влече конците - остана на функцијата, дури беше реизбран.

„Победивме на пет избори во минатото, кои ни даваат мандат за стабилна економска основа. Преку неа, сите најдоа пристојна работа и Јапонија се докажа во надворешната политика“, рече самоуверено Абе во 2018 година. Тој се среќаваше со канцеларката Меркел, Путин, Ши - со сите нив се ракуваше, но честопати сѐ остануваше само на тоа. Тој се надеваше дека рускиот претседател ќе му даде два од Курилските острови, кои ѝ припаѓаат на Русија, а на кои претендира Јапонија. Абе беше сигурен во победа, но Путин студено го одби.

Почина поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе

Инвестирање во јапонската армија

Од самиот почеток, Абе пред сѐ сакаше едно: да ја вооружи Јапонија. Трошоците за одбрана се зголемуваа секоја година. И, тој планираше да го укине пацифистичкиот Устав: „Со новата влада, која сега стапува на власт, ние, либералдемократите, ќе водиме енергична дискусија за промена на Уставот“, најави тој во 2019 година.

Една година подоцна требаше да се одржат Олимписките игри. Иако бројот на болни од Ковид се зголеми и во Јапонија, тогашниот премиер се држеше до игрите сè до крај. А, потоа, одложувањето го продаде како своја идеја: „Претседателот на МОК, Бах, се согласи со мојот предлог. Ги одложуваме Олимписките игри и Параолимпијадата за летото 2021 година.“ Потоа беше прогласена вонредна состојба - и Абе се збогуваше од фунцијата, официјално од здравствени причини. Но, до својата смрт, тој ги влечеше конците од позадина.