291109 Referendum Schweiz
30 ноември 2009Швајцарската политика е изненадена од јасниот исход на референдумот за забрана на минарињата во земјата. Изјаснувањето на граѓаните беше повеќе од јасно особено во кантоните каде се зборува германски јазик. Само во некои од западните кантони од француското говорно подрачје, како и во градот Базел, населението се изјасни против иницијативата на политичарите од деснопопулистичката Народна партија. Иницијаторите се многу задоволни од исходот и нагласуваат дека добро го процениле расположението во земјата: „Сакаме едноставно да спречиме политичкиот ислам потполно да се етаблира во Швајцарија, како што тоа делумно се случи во други европски држави. Овој процес кај нас е уште на почетокот и затоа сакаме да го спречиме“, вели политичарот на Народната партија, Валтер Вобман.
Стравот од исламот бил потценет?
За разлика од швајцарската влада, која смета дека ваквата одлука може да има негативни последици по имиџот на земјата, особено во муслиманските држави, Вобман не гледа проблеми: „Сигурно имаме право самите да го регулираме и обликуваме нашето општество. Другите земји сигурно ќе ни‘ го признаат тоа. Ние исто така не ги критикуваме референдумите во другите земји...“
Политичари од другите швајцарски партии во првичните реакции оценија дека стравовите на населението од исламот очигледно биле потценети. Ова треба да се толкува како сериозен сигнал дека политиката мора да се позанимава со оваа тема.
Засега не е јасно како треба да изгледа практичната примена на одлуката од вчерашниот референдум, бидејќи швајцарскиот устав го гарантира правото на религиозна слобода. Проблеми се очекува да дојдат и од Европскиот суд за човекови права, бидејќи Шварјцарија е потписник на европската Конвенција за човекови права. Судиите од Стразбур сигурно нема да го одобрат дискриминирањето на муслиманите во Швајцарија.
Автор: Клаудија Вите / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска