Шапекоенсе- бајката со трагичен крај
29 ноември 2016Шапекоенсе, клуб формиран во 1973 година, се подготвуваше да го одигра своето прво финале во Јужноамериканскиот куп, второто најголемо клупско натпреварување во Јужна Америка, еквивалент на европската Лига Европа. Тимот патуваше кон Меделин каде во среда требаше да се соочи со Атлетико Насионал во првиот финален дуел.
„Ова е многу тажен ден за фудбалот“, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Шапекоенсе избори пласман во првата бразилска фудбалска лига во 2014 година и се наоѓаше на деветтото место пред последното коло закажано за претстојниот викенд. На патот кон континенталното финале, тимот кој го нарекуваат Шапе, елиминираше големи клубови како аргентинските Сан Лоренцо и Индепендиенте.
Во 2009 година, клубот уште се наоѓаше во четвртата бразилска лига, но во последните години се издигна речиси до самиот врв, а мечот против Атлетико Насионал требаше да биде потврда на големиот напредок.
Претседателот на управниот комитет на клубот, Давид де Нес Фиљо за бразилската радио станица Радио Глобо говореше за трагедијата.
„Ова не беше само група собрана врз основа на меѓусебна почит, тоа беше семејство. Живеевме во хармонија, во голема среќа. Пред да се качат во авионот, тие рекоа дека планираат да ги претворат своите сништа во реалност. Сонот умре ова утро“, рече Фиљо.
Меѓу жртвите на летот, освен речиси целио тим на Шапекоенсе се и членови на стручниот штаб, физиотерапевти и новинари.
Фудбалски и човечки трагедии
Историјата памети повеќе авионски несреќи во кои жртви биле цели фудбалски тимови. Првата, и една од најпознатите се случи во 1949 година кога во авионска несреќа загинаа 31 лице, меѓу нив, комплетниот тим на тогашниот италијански првак Торино. Милион луѓе дојдоа на погребот на играчите чиј тим стана познат под името „Торино гранде“.
Во 1958 година во Минхен при обидот да полета од замрзната писта се урна авионот кој ги превезуваше играчите на Манчестер Јунајтед. 23 луѓе загинаа, меѓу нив и осум фудбалери на британскиот клуб. Меѓу преживеаните беа легендарните Боби Чарлтон и Мат Безби.
Во 1987 година, сите играчи на перуанскиот клуб Алијанца Лима загинаа откако нивниот авион се урна во водите на Тихиот океан.
Во 1993 година слична судбина доживеаја и репрезентативците на Замбија кога нивниот авион се урна во морето во близина на Габон.