„Чудовиштето од истокот“ ја окова Европа во мраз
1 март 2018Од крајот на минатата недела кога започна студеното време, 18 лица починале во Полска, шест во Чешката Република, пет во Литванија, по четири во Франција и Словачка, по двајца во Италија, Србија и Романија и по едно лице во Словенија и Холандија.
Растот на температурите над Арктикот ја ослабнаа воздушната струја која вообичаено го носи топлиот воздух од Атлантикот. Како резултат на тоа, силниот наплив на студен воздух од Сибир донесе снег и виулици од исток.
Студеното време си доби и специјални имиња во земјите низ кои минува. Во Велика Британија го нарекуваат „Чудовиште од истокот“ ("Beast from the East"), во Холандија - Сибирска мечка, а во Шведска - Снежен топ. Од Црното море до шпанскиот каталонски брег - речиси цела Европа е под снежна обвивка. Италијанскиот Неапол е прекриен од снег за првпат од 1956 година.
Најголемиот број од жртвите на студот биле бездомни луѓе. Повеќе европски држави побрзаа да отворат дополнителни прифатилишта за да ги заштитат луѓето без кров над глава.
Температурите во делови од Европа во текот на изминатата ноќ се спуштија до минус 20 степени. Во Ирска и Шкотска властите ги издадоа највисоките - црвени предупредувања до граѓаните, кои означуваат опасност по живот - и ги повикаа да останат во своите домови. Училиштата и универзитетите вчера останаа затворени, а денеска се затвораат и делови од јавниот превоз.
Во Македонија од вчера е прогласена „портокалова фаза“. Се препорачува и ослободување на бремените жени и лицата над 60 години од работа и реогранизација на работното време од 10 до 16 часот со повремени паузи од 30 минути, во топли простории на секои 2 часа за работниците кои работат на отворено.
Властите апелираат да се избегнува физичка активност на отворено, носење топла повеќеслојна облека, консумација на топли напитоци и редовно земање на терапија кај хронично болните лица.
Викендов се очекува топол бран од јужна Европа и затоплување низ целиот континент.