Чешлање на учебниците: Со Грција на старт
6 ноември 2018Со Грција штотуку започна, а со Бугарија е во понапредна фаза меѓусебното разгледување на учебниците, со цел од нив да бидат отстранети сите спорни толкувања кои досега ги оптоваруваа односите меѓу соседите. Процесот е двонасочен, што значи дека корекции треба да се направат во македонските учебници, но и во грчките и бугарските.
Разговорите со Грција на оваа тема се на самиот почеток. Двете земји веќе ги разменија сите учебници за основно и средно образование од кои се учи и ќе се учи во следниот септември. На првата средба што заврши минатиот викенд, не се навлегувало во содржината на учебниците. Како што објасни Виктор Габер, првиот човек на македонскиот седумчлен тим во интердисциплинарниот Комитет меѓу Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања, на првата средба само бил договорен Правилникот за работа и динамиката на идните средби.
„Се работи за обемен број материјали и учебници, од кои дел ќе бидат ревидирани, со цел на новите генерации да им бидат достапни на начин што нема да предизвикуваат нови болни моменти“, вели Габер.
Иако се разменети сите учебници, смета дека тежиштето ќе биде ставено на оние по историја и географија. Членовите на Комитетот немаат надлежност да ги менуваат содржини на учебниците, туку само да дадат препораки. Втората средба ќе се одржи кон средината на јануари во Македонија, и тогаш треба да бидат констатирани првите забелешки од двете страни, врз основа на анализата што ќе ја прават во меѓувреме.
Забелешки од двете страни
За разлика од неодамнешниот старт со Грција, тој процес е во понапредна фаза со соседна Бугарија. Комисиите од двете земји веќе имаа две средби - во јули во Софија и во октомври во Скопје, на кои ги анализирале учебниците по историја за петто и шесто одделение во Бугарија, односно за шесто и седмо одделение во Македонија.
„Нема никакви различни гледишта за содржините за праисторискиот и античкиот период. Стигнавме до анализа на содржините за средниот век, и таму се првите забелешки - на толкувањата за Самуиловата држава и за просветителите Кирил и Методиј“, објаснува претседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драган Ѓоргиев.
Тој вели дека од бугарска страна има една генерална забелешка: дека во македонските учебници преовладува непријателски тон кон Бугарија. Бугарскиот професор Илија Илчев, член на македонско-бугарската Комисија, во неодамнешното гостување на националната „БТВ“ предочи неколку примери во македонските учебници за кои има забелешки.
„Создавањето на македонскиот народ бил долг процес коj почнал во VIII век пр.н.е (...) Како скитачко племе, Бугарите постоjано го менувале местото на живеење. Се занимавале со одгледување коњи, со лов и ограбување (...) „Св. Константин - Кирил и неговиот брат Св. Методиj, во 855 година ja создале словенска азбука наречена глаголица. Глаголицата се состоела од 38 букви. Токму во тоа време во североисточните области на Македониja почнале бугарските напади, па светите браќа морале да ja напуштат Македониja (...) Прабугарите им припаѓале на турската етничка група племиња“.
Илчев изјави дека во учебниците има многу недостатоци.
Повеќе:
Се состана македонско-грчкиот комитет за учебниците
Историјата влегува под лупа на Комисијата од Скопје и Софија
Коректна соработка
И македонската страна има забелешки. Ѓоргиев не посочи конкретни примери, но укажа на една генерална забелешка во анализираниот период: Македонија се третира како неослободена бугарска земја.
„Секоја страна има одредени забелешки. Наша цел е да најдеме заеднички јазик и дадеме соодветни препораки. Не зборуваме за историографија, зборуваме за учебници по историја“, потенцира Ѓоргиев.
Во моментов се анализираат само историските учебници за основно образование, бидејќи наставните програми се исти и за средно образование, со таа разлика што се пообемни. Иако се уште не е прецизирано ниту сугерирано, можно е по една година да се разгледаат и учебниците по географија и евентуално - литература.
Следната средба на Комисијата е кон крајот на ноември во Софија.
„Имаме позитивен тон на средбите, нема кавги или реакции на една или друга страна, разговараме на едно професионално ниво и со исклучително коректен речник. Видливо е разбирањето за наставните програми наследени од пред седум децении, и на сите им е јасно дека ништо не може да се промени преку ноќ. Имаме добра соработка и верувам дека така ќе продолжи“, вели Ѓоргиев.
До крајот на годината членовите на Комисијата треба да им поднесат извештај на своите влади за досегашната работа.