Црн понеделник на берзите?
8 август 2011Тргувањето на најголемите берзи во Азија не дава причини за оптимизам - курсевите и натаму бележат големи загуби. Еврозоната прави напори да ја смири ситуацијата со план за откупување на државни обврзници од задолжените земји-членки. Европската централна банка доцна синоќа најави дека ќе изработи програма за откупување на европски државни обврзници, во обид да ги стабилизира берзите, кои бележат големи загуби поради стравовите од финансиски колапс на Италија и Шпанија. Во изјава на Банката се поздравуваат најавите на двете држави за побрзо спроведување на мерките за штедење.
Одлуката за откупување на евроските државни обврзници беше донесена по вчерашната телефонска конференција на шефовите на централните европски банки и дојде по заедничката изјава на Франција и Германија, кои истакнаа дека ќе продолжат со целосно спроведување на мерките за излез од финансиската криза во еврозоната договорени на самитот во Брисел на 21. јули.
Надолен тренд
Земјите од Г20 и Г7 исто така одржаа телефонска конференција вчера, по ескалацијата на стравовите од крах на берзите поради американската и европската должничка криза.
Покрај најавите за стабилизирање на еврозоната, цените на акциите на азиските берзи, кои први отворија утрово, продолжуваат да паѓаат. На берзата во Хонг Конг е забележан пад од четири проценти, во Бомбај загубите се движат околу три проценти.
Негативниот развој на берзите почна уште минатата недела. Пазарите на акции од вредност негативно реагираа на загриженоста од банкрот на Шпанија и Италија, како и на непопуларниот договор за подигање на максималната граница на државно задолжување во САД. Тоа, пак, беше причина за намалување на кредитниот рејтинг на Америка, првпат во историјата, од тројно А на двојно А плус.
Автор: ТТ/БГ/дпа
Редактор: Горан Чутаноски