1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Црногорската власт си дели станови без контрола

Радомир Крачковиќ
27 август 2019

За четири години црногорската влада им додели станови и поволни кредити на 170 функционери и државни службеници. Тоа ги чинеше граѓаните милиони евра. Повеќето од оние кои добија станови имаат решено станбено прашање.

https://p.dw.com/p/3OXUm
Regierung von Montenegro Plenarsitzung
Пленарна седница на црногорската влада, јули 2019Фотографија: Government of Montenegro/B. Cupic

Во Црна Гора често, кога човек сака да објасни нешто што е необјасниво, се вели: „Ние сме земја на чудата“. Едно такво чудо се случи на 10 август, кога владината Комисија за станбени прашања, под притисок на опозицијата и медиумите го објави списокот на функционери на кои им се доделени станови или кредити под поволни услови во мандатот на актуелниот премиер Душко Маровиќ. Податоците беа барани веќе неколку месеци, а се објавени среде сезона на годишни одмори, веројатно со цел да се избегне премиерот и функционерите да одговараат на здодевни новинарски прашања.

Иако и порано беа објавувани парцијални податоци, сега на виделина излезе дека на овој начин 96 функционери си го решиле станбеното прашање, за што од буџетот на граѓаните се платени 2,6 милиони евра. Црногорската власт голем дел од долгото владеење дели станови и поволни станбени кредити на функционери исто како и во комунизмот, иако тој систем е формално напуштен пред 30 години. Таквата практика е непоимлива на Запад, а според истражувањето на црногорските медиуми не постои ниту во државите од регионот. Затоа Црна Гора можеби со право се нарекува „земја на чудата“.

Станови и за оние кои веќе имаат

Особено огорчување кај опозицијата, НВО-секторот и јавноста предизвика фактот дека поголемиот дел од листата „среќни добитници“ веќе имаат решено станбено прашање. Така, станови или поволни кредити добиле и некои кои имаа по два стана, па дури и две куќи. Или пак веќе еднаш, а во некои случаи и двапати добиле помош од државата. Друг неверојатен факт е дека овие функционери, кои имаат плати и по неколку илјади евра, односно многу повеќе од обичните граѓани, на овој начин плаќаат многу помали рати од истите тие граѓани, а често не треба да вратат и до 80% од кредитите. Трет неверојатен факт е тоа што владата на овој начин им го решила станбеното прашање на речиси сите челници на судството и обвинителството – претставници на институции кои всушност треба да ја контролираат власта. Четврто е фактот дека станови добиле и некои министри кои се членови на Комисијата за станбени прашања која ги дели овие станови. Исто така двојни станбени кредити добиле и брачни другари во владата, кои секако и досега не живееја на улица.

Duško Marković Premierminister von Montenegro
Душко Маровиќ, премиер на Црна ГораФотографија: Government of Montenegro

Пратеничката од опозицискиот Демократски фронт, Бранка Бошњак, за ДВ вели дека оваа практика е несфатлива и необјаснива за кого било надвор од земјата.

„Да се подаруваат станови на овој начин е навистина неверојатно, затоа што се работи за функционери кои имаат високи плати и можат да се задолжат во банка, да земат кредити и така да си го решат станбеното прашање. Дотолку повеќе што поголемиот дел од нив имаат дом, а на овој начин веројатно си купуваат станови за деца и внуци“, проценува Бошњак.

Златко Вујовиќ од невладината организација Центар за мониторинг (ЦЕМИ) за ДВ вели дека распределбата на станови би требало да биде дел од социјалната политика, односно како помош на оние кои не можат да си го решат станбеното прашање поради лоша финансиска ситуација.

„Може да се има разбирање за овој потег ако на овој начин се задржуваат дефицитарни кадри во институциите, но овде сепак, во голем број случаи, станува збор за тешка злоупотреба, бидејќи се работи за лица кои веќе имаат станови, како и тоа дека ваква помош добиваат повеќе лица од едно семејство, со што добиваат привилегиран статус“, јасен е Вујовиќ.

„Заслужни“ граѓани

Само неколку дена подоцна, невладината организација КОД објави и список на функционери и службеници кои добиле станови или поволни кредити во време на мандатот на претходниот премиер Мило Ѓукановиќ во 2016 година. На тој список има околу 70 лица.

Дел од функционерите кои добиле станови или станбени кредити, иако со веќе решено станбено прашање, во ова не гледаат никаков проблем. Директорот на Националните паркови на Црна Гора, Елвир Клица, кој е од Рожај, порача дека „го заслужил станот бидејќи нема никаков имот во Подгорица“. Сепак, од порано има две куќи и три дуќани. Министерот за сообраќај, Осман Нурковиќ, добил стан од државата, иако пред неколку години добил поволен кредит од 70 илјади евра од државната компанија Монтепут. „Порано немав користено помош од владата, туку само кредит од компанијата.“ Тој сега има два стана и еден канцелариски простор.

„Ова се невкусни изјави. За жал таквиот пристап зборува не само за неодговорноста на овие луѓе, туку и за недостаток на пристојно однесување“, вели Вујовиќ, додека Бошњак смета дека јавноста во ЕУ не простува вакви изјави.

„Таму и за многу помали нешта се поднесуваат оставки, како на пример за злоупотреба на службени автомобили или телефони. Ова е необјасниво за ниту една демократска земја и никаде не би можело да помине неказнето“, додава Бошњак.

Montenegro Oppositions-Politikerin Branka Bošnjak
Пратеничката од опозицискиот Демократски фронт, Бранка Бошњак, за ДВ вели дека практиката на доделување станови е несфатлива и необјаснива за кого било надвор од земјатаФотографија: DW/Radomir Kračković

Функционерите може да ги исмеваат граѓаните и на други начини. Така, директорот на Заводот за вработување на Црна Гора, Суљо Мустафиќ пред две години од државата под поволни услови доби стан од 128 квадрати за само 26 илјади евра, кој потоа го продаде и купи помал, при што оствари голема заработувачка. Претседателката на Врховниот суд, Весна Меденица, во последните дваесет години дури трипати добила стан или поволен станбен кредит од државата. Еден од становите во меѓувреме ѝ го подарила на ќерка, веројатно за да може да „продолжи“ да си го решава сопственото станбено прашање.

„Да се прекине неморалната практика“

Вујовиќ како нов член на Советот на Агенцијата за спречување на корупција (АСК) побара проверка на имотните листови на функционерите кои добиле станови или станбени кредити, бидејќи ако ги немаат пријавено, како што е случај кај неколкумина, треба да следат парични казни. Тој нагласува дека ваквиот систем е неприфатлив и мора итно да се промени.

„Во најмала рака ова претставува тежок конфликт на интереси и воспоставување на механизам преку кој извршната власт контролира дел од судската и законодавната власт, иако тие би требало да ја контролираат извршната власт. Исто така. од морален аспект, неприфатливо е поповолни кредити да има за високо платени функционери од социјално загрозените граѓани“, вели тој.

Бошњак уште пред неколку месеци бараше од Уставниот суд да ја оцени уставноста на владината одлука според која се врши распределба на вакви станови.

„Ова е чиста корупција и се знае дека власта на овој начин ги поткупува функционерите кои веќе имаат станови. Одлуката е противуставна, противзаконска и дискриминаторска“, смета Бошњак, но таа нема преголеми очекувања во однос на ова. Исто така не очекува дека власта ќе престане со ваквата практика на доделување станови.

„Можеби сега малку ќе направат пауза. Но, сепак, не верувам дека лесно ќе се одречат од ова. Но се надевам дека граѓаните ќе се разбудат, бидејќи не можам да сфатам дека некој кој е потстанар или загушен во долгови поради станбен кредит, може да поднесе некому вака лесно да му се доделуваат станови," констатира Бошњак.

Вујовиќ е согласен дека обичните граѓани имаат проблем под нормални услови да си купат стан.

„Мора на сите граѓани да им се овозможи под еднакви бенефицирани услови, пониски цени и помали каматни стапки да си купат стан. Мора да го напуштиме системот на разнебитување на јавното добро, и на сите граѓани да им се овозможи рамноправен третман“, заклучува Вујовиќ.