1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што всушност се случи на Цетиње?

Драгослав Дедовиќ
6 септември 2021

Ѓукановиќ покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку по потреба циничен националистички хушкач. Слабата црногорска влада во последен час смисли кризен менаџмент во Цетиње. Коментар на Драгослав Дедовиќ

https://p.dw.com/p/3zxdd
Montenegro | Protest gegen die Amteinführung eines neuen serbisch-orthodoxen Bischofs
Фотографија: Stevo Vasiljevic/REUTERS

Што всушност се случи вчера на Цетиње? Да, секако, устоличување на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј. Ова е единствениот исказ околу кој ќе се сложат противниците и поддржувачите на устоличувањето, црногорски и српски националисти, западни и источни дописници и дипломати.

И тука е крајот на консензусот. Она што за претседателот на државата Мило Ѓукановиќ беше „хеликоптерски десант“ и „насилно устоличување“, за православните верници беше чин кој црногорскиот Устав им го гарантира. Патем кажано, користењето на воениот жаргон - десант е префрлање трупи зад непријателски редови - покажува дека пропагандната машинерија на Ѓукановиќ го преиначи овој настан во воен судир. 

Имаше и насилство. Мислите дека сите знаат кој кого провоцираше, кој применуваше примерена, а кој непримерена сила? Тоа зависи од субјективно-идеолошките очила. Додека членовите и симпатизерите на партијата на Ѓукановиќ мантраат за несразмерна употреба на сила, премиерот Здравко Кривокапиќ говори за „обид за терористички акции“ на политичките активисти на претседателот. 

Потпретседателот на владата Дритан Абазовиќ на социјалните мрежи објави снимка на која се гледа Веселин Вељовиќ (поранешниот прв полицаец на Црна Гора, а сега советник на Ѓукановиќ), како ги напаѓа своите поранешни потчинети на работна задача. Којзнае каква постфактичка ујдурма ќе излезе и од тоа, само пропагандистите на ДПС малку да се присоберат. Едни евидентираат дека во текот на полициската интервенција полесно е повреден поранешниот претседател на црногорскиот парламент Ранко Кривокапиќ, но некако ги превидуваат нападите врз колегите од новинарскиот тим на Н1. 

Podiumdiskussion in Belgrad
Драгослав Дедовиќ, автор на коментаротФотографија: DW/P.Savic

Параноидни проекции 

А и медиумите, од регионалните до светските, се посебна приказна. Додека „Дојчландфунк“ ја користи формулацијата „повеќе стотици“ демонстранти, меѓународниот медиумски концерн со седиште во Сараево ја бира формулацијата „голем број граѓани“. Во еден западен весник може да се прочита анализа на случувањата во која не се споменуваат ни Мило Ѓукановиќ како мозок на цетинската операција, ни поранешниот претседател Филип Вујановиќ, кој ги посетува активистите на барикадите пред Цетиње, ни специјалниот обвинител Миливоје Катниќ - со гас-маска на Цетиње, но не полициската страна. Тие актери едноставно - не постојат. На една страна владата и црквата, на другата страна - граѓани. 

Сето она што го пелтечат прорежимските медиуми во Белград, е „урамнотежено“ со едностраноста на другите медиуми кои ја држат страната на Ѓукановиќ. За папагалите на Вучиќ сѐ е само некој вид смислен (ватиканско-масонско-соросовски) заговор против Србите и Србија. За медиумите со антивучиќевски рефлекс сѐ е само големосрпски заговор против црногорската државност. Не ли е заеднички именител на овие наводно спротивставени погледи на светот - параноидна проекција која не дозволува вистинско критичко преиспитување на нештата? 

Montenegro | Amteinführung eines neuen serbisch-orthodoxen Bischofs
Устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во ЦетињеФотографија: Risto Bozovic/AP/picture alliance

Значи, што се случи на 5 септември 2021 на Цетиње и во Црна Гора? Би рекол - прилично неуспешна генерална проба за масовна побуна во име на идентитетската политика на Ѓукановиќ. Прилично колеблив, донекаде неуспешен одговор на новата власт, кој сепак ги открива и сите нејзини слабости. Прилично умерени црковни гласови кои повикуваат на христијанска љубов. Се надевам не од страв. Прилично немушта реакција на западните главни градови - верска слобода, слобода на собир, без насилство, инклузија. Звучи премногу добро за Црна Гора во која Мило Ѓукановиќ, цинично радикализирајќи го идентитетскиот дискурс, испраќа лути „црногорски комити“ да му го дигаат рејтингот, а потоа волшебното свештеничко прелетување на барикадите со хеликоптер го нарекува срамно. 

Недоволно крв! 

Како да ќе беше подобро бесните цетинци да стигнеа до српските свештеници, па да летаат пердуви. Од реакцијата на црногорскиот претседател провејува разочарување- судирот на кој се надеваше, се одвиваше далеку под нивото дури и на вообичаено крвавите средби на тврдокорните навивачи на Партизан и Црвена Ѕвезда на Теразије. Недоволно крв, недоволно камери, недоволно докази дека Црна Гора е окупирана, па тој, врховниот Црногорец, повторно да ја поведе во слобода и независност. Неговото инсистирање на таа приказна е доказ дека избра раздор и дека нема да се стеснува од жртвување на црногорски животи, заради трунката надеж дека рингишпилот на моќта повторно ќе се заврти на негова страна. Можеби во тоа прилично добро му асистираат оние кои по Црна Гора и Белград галамџиски србуваат. Нема еманципаторски национализам, тоа е фантазмагорија на 19 век. Тоа важи и за црногорскиот, но и за српскиот ексклузивизам во Црна Гора.

На крајот, кој победи во инсценираниот политички трилер? Никој. Губитник е и митрополитот Јоаникиј, кој својот пастирски мандат мораше да го почне сокриен зад панцирно ќебе. Мило Ѓукановиќ стана лузер од меѓународни размери, бидејќи покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку по потреба циничен националистички хушкач. Но не блескаше ниту владата, која во последен момент смисли спасоносен кризен менаџмент. Можеби на победничката страна е сепак она тивко мнозинство црногорски граѓани кои не дозволија да бидат вовлечени во судир.

Доколку Црна Гора има шанса да стане модерна демократија, тогаш тоа е сега, по првиот доказ за менливост на власта, и консеквентно воспоставување на правна држава. Која гарантира верски слободи, слобода на собир и протест. Која кривично ги санкционира сите нивоа на раѓање насилство - од инспираторите, преку пропагандистите до извршителите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема