1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора се подготвува да ја признае независноста на Косово?

Весна Рајковиќ18 септември 2008

Црногорската власт реши во Парламентот да отвори дебата за Косово, што според проценките на опозицијата и аналитичарите во Подгорица може да биде увертира во признавањето на Косово. Власта демантира.

https://p.dw.com/p/FKVF
Парламентот на Црна ГораФотографија: AP

Црна Гора е исправена пред барањето на Западот и албанската популација да го признае Косово, но од друга страна поголемиот дел од населението е против ваков чекор. Иако највисоките црногорски претставници тврдат дека врз нив нема притисок за да се признае независноста на соседната земја, последниве денови САД, Велика Британија и Франција како земја претседавач со ЕУ преку своите амбасадори јасно ставија до знаење дека очекуваат од Подгорица тоа да го стори во најкратко време.

Формалниот начин за почеток на расправата по ова прашање е резолуцијата на владеачките партии за забрзување на интеграцијата во ЕУ и НАТО, а во која Косово се споменува само во една реченица. Во резолуцијата којашто ќе биде на дневен ред на почетокот на октомври, меѓу останатото се укажува и на подготвеноста на Црна Гора да ја уважи реалноста која според земјите членки на ЕУ и НАТО е важна за регионалната стабилност - што ќе биде и основа за Црна Гора да се определи во однос на Косово.

За опозицијата резолуцијата е провокација

Опозицијата којашто ја бојкотира работата на парламентот, резолуцијата ја доживува како провокација и како намера на власта, признавањето на Косово да го претстави како услов за интеграција на Црна Гора во ЕУ и НАТО. Вукан Симоновиќ, пратеник од Социјалистичката народна партија оценува:

Montenegro Wahlen Filip Vujanovic Wahlplakat in Podgorica
Поголемиот дел од населението е против признавање на независноста на КосовоФотографија: AP

„Убрзувањето на процесот на интеграција кој се врзува за признавањето на самопрогласената квазидржава Косово не им е во интерес на граѓаните на Црна Гора имајќи ја в предвид потребата од одржување на добри односи со Србија во која Косово е составен дел, и потребите од регионална и пред се внатрешна стабилност на Црна Гора.“

Власта ги отфрла обвинувањата

Пратеникот на владеачката Демократска партија на Социјалистите, Миодраг Вучковиќ, еден од предлагачите на резолуцијата ги негира оценките дека таа е вовед во признавањето на Косово.

„Ако дојдеме во ситуација да се изјасниме за Косово - иако во овој момент не се размислува на оваа тема и не е донесена никаква одлука - тогаш тоа ќе биде направено врз темелите на нашите европски и евроатлантски цели“, рече Вуковиќ. Но, аналитичарите проценуваат дека резолуцијата има за цел да ја подготви јавноста за постепено признавање на Косово. Медиумите во Подгорица тврдат дека владата, во чија надлежност е ова прашање, ќе се изјасни за признавањето на Косово откако ОН ќе решат дали ќе го прифатат барањето на Србија, Меѓународниот суд на правдата да ја оцени легалноста на самопрогласената независност. Според тоа сценарио, ако ОН го одбијат барањето на Србија, Црна Гора ќе ја признае независноста на Косово во блиска иднина.