Црковниот имиџ нагризан?
18 март 2010Џиповите и мобилните телефони, покрај брадата и мантијата станаа вообичаена опрема на модерните попови. Отприлика вака во една своја колумна владиката Пимен се обиде да го опише впечатокот на верниците за случувањата во МПЦ-ОА. Оваа најбројна верска заедница во Македонија, која во истовреме ужива голема доверба меѓу своите следбеници е изложена на бројни финансиски скандали. Невообичаено често за компанија од светот на бизнисот, а не пак за верска заедница, името на црквата или пак нејзиното раководствто се поврзува со афери за имотот или финансиите на црквата.
Аналитичарите кои ги анкетираше Дојче веле сметаат дека главна причина за ваквиот имиџ на црквата е лошото менаџирање со финансиите. Даниел Димевски, магистер по црковни прашања вели дека управувањето со имотот и парите се прави невешто и тоа го нарушува угледот на црквата. „Треба да се има сенс да не се експонира се’ она што е поврзано со материјалните ресурси. Во ова стресно време кога поголем дел од нашиот народ мака мачи да врзе крај со крај, експонирањето со метеријалните добра, над духовните, е лошо избран начин.“
Приказните се пренагласени
„Често слушам изјави како некој бил верник и го сакал бога, но не и нас, свештенството, бидејќи му пречело тоа што сме имале џипови и заради тоа не посетувал црква, а и дека од таа причина нам не ни држи зборот и веќе никој не ни верува“, пишува натаму владиката Пимен и заклучува: „Прикаската им е добра и уште малку ќе ме убедат, дека ако бевме како поповите од македонските народни приказни со некоја измрсена мантија, поткусурен епитрахил, смешна капа од половина метар и јавнати на некое сакато магаре, е тогаш проповедта ќе ни држеше и храмовите ќе беа преполни со народ.“
Дека приказните за парите што се вртат во и околу црквата се пренагласени уверен е и архиeпископот охридски и македонски г. г. Стефан. „Ако речам дека свештениците вработените во црквата не треба да бидат наоружани со мобилни телефони и возила кои се потребни во секојдневниот живот би бил неправичен“, објавнува за Дојче веле црковиот поглавар.
Колку пари се слеваат во МПЦ-ОА?
Сепак повеќе милиони евра годишно се слеваат во касите на епархиите на МПЦ-ОА од продажба на свеќи, такси од крштевки, венчавки, погреби и разни други црковни услуги. Цената на услугите се движи и до педесетина евра, што е прилично скапо за граѓаните. На пример цената на еден убав чин каков што е крштевката изнесува 2.500 денари. Барањата црковните услуги да бидат бесплатни, МПЦ-ОА досега ги одбиваше со образложение дека таа живее само од приходите од олтарот. „Во принцип црковните услуги не би требало да имаат цена. Тие треба да бидат бесплатни, а прашање на секој верник е колку е во можност да овои за својата црква“, објаснува Димевски.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Александра Трајковска