Ципрас повторно врбуваше за „охи“ на референдумот
5 јули 2015Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека неговата презадолжена земја е одлучна во тоа да донесе одлука за сопствената судбина во еврозоната, бидејќи граѓаните ќе се изјаснат на вонредниот референдум што го свика за денеска.
„Никој не може да ја игнорира пораката на одлучност на народот кој ја зема судбината во свои раце, рече Ципрас откако гласаше на референдумот во основното училиште „Димотика“ во Атина.
На гласачкото место Ципрас беше дочекан со овации и повиците „Охи, охи" (не,не). Доаѓањето на Ципрас на гласање го следеа голем број новинари од Грција и целиот свет, па затоа настана голема турканица при неговото доаѓање и заминување од избирачкото место.
Во Грција денеска околу 10 милиони Грци се изјаснуваат на референдум за предложената спогодба со доверителите, која предвидува дополнителни рестриктивни мерки на штедење во замена за финансиска помош за спасување на економијата.
Избирачките места беа отворени утринава малку по седум часот по локално време, а граѓаните ќе можат да гласаат до 19 часот. Првите прелиминарни резултати, како што е најавено, ќе бидат објавени околу 21 часот.
Одржувањето на референдумот за спогодбата со европските влади, Европската унија (ЕУ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), го иницираше грчкиот премиер Алексис Ципрас и гласањето беше организирано за само девет дена.
Референдумското прашање гласи „Дали да се прифати нацрт спогодбата што ја претстави Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд на состанокот на Еврогрупата, на 25 јуни, и кој се состои од два документа кои сочинуваат единствен предлог? Првиот документ е насловен „Реформи за довршување на актуелната програма и пос неа“, а вториот е „ Прелиминарна анализа на одржливоста на долгот“.
Доверителите на Грција бараат реформи во замена за продолжување на спогодбата за пакетот помош до ноември, но продолжувањето беше одбиено, а програмата за помош завршена како што беше планирано, на 30 јуни, по минатонеделниот крах на преговорите меѓу грчката Влада и кредиторите.
Грчката Влада не сакаше да го прифати овој предлог без консултации со граѓаните, а премиерот Алексис Ципрас го нарече „ултиматум“ и уцена, додека на другата страна европските претставници истакнуваат дека станува збор за „дарежлива понуда“