1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хејгел-погрешен човек за новите предизвици

Михаел Книге Превод Жана Ацеска25 ноември 2014

Чак Хејгел не успеа да се снајде во улогата на шеф на Пентагон. Неговиот пад го покажува и начинот на кој Белата куќа се однесува со новите предизвици, смета Михаел Книге.

https://p.dw.com/p/1DscU
Фотографија: Mandel Ngan/AFP/Getty Images

Чак Хејгел од почеток имаше тежок старт. Уште сослушувањата пред да положи заклетва не протекоа добро за единствениот републиканец во владата на претседателот Барак Обама. Наместо на Хејгел, кој претходно долги години и самиот беше сенатор, да му овозможат премин на новата функција без тешкотии, неговите стари колеги во Сенатот го подложија на вкрстено испрашување. Го „вртеа на ражен“ цел ден, при што стана јасно-републиканските сенатори немаа никакви симпатии за својот сопартиец.

Неговите внатрепартиски непријатели како Џон МекКејн на заб го земаа посебно ставот на Хејгел кон Израел и Иран, кој според нив, е претврд кон Израел, а премногу попустлив кон Техеран. Изгледноста токму критичарот на Хејгел, МекКејн, како последица на успехот на републиканците на меѓуизборите, од јануари да го преземе водството со Комисијата за одбрана, веројатно е една од причините што го натераа Обама да спроведе промена на чело на Пентагон. Но, тоа не беше главната причина за падот на Хејгел.

Хејгеловото Гвантанамо

Во Белата куќа од поодамна тлееше незадоволство од министерот за одбрана. Така, советничката за безбедност на Обама, Саманта Пауер, во мај мораше со еден вид указ да го принудува Хејгел да ја забрза репатријацијата на затворениците од Гвантанамо, невообичаена и впечатлива постапка. Крајно, Обама уште во 2008 година како претседателски кандидат најави затворање на спорниот логор на Куба. Бидејќи мандатот му се ближи кон крај, на Обама веќе не му останува многу време за реализација на ветувањето, кое републиканците ригорозно го одбиваат. Тоа што неговиот сопствен министер за одбрана требаше јавно да биде принуден на примена на една од најважните политички цели на претседателот, сигурно го наведе Обама да се откаже од Хејгел.

Deutsche Welle Michael Knigge
Михаел КнигеФотографија: DW/P. Henriksen

Друго политичко поле, на кое Хејгел не ја оправда својата носечка улога е борбата против терористичката милиција „Исламска држава“. Наместо министерот за одбрана, кој остануваше речиси „невидлив“, најчесто маршрутата, како интерно, така и јавно, ја изнесуваа претседателот Обама и шефот на Генералштабот, Мартин Демпси.

Без план против ИД

Резултатот беше-хаотична стратегија против ИД. „Ние уште немаме никаков план“, мораше да признае Обама на 28 август, еден од веројатно најпознатите цитати на претседателот во поглед на ИД. Кон тоа се надоврзаа и противречните изјави од американската влада за улогата на курдскиот град Кобане, опколен од ИД: дали терористичакта организација треба само да биде истисната или целосно уништена.

За волја на вистината, мора да се каже дека тоа не беше вина на Хејгел. Него првично Обама го ангажира од сосема различни причини. Исто како и Обама, и Хејгел е многу скептичен во поглед на воените операции како решение во меѓународните конфликти. Воениот ветеран од Виетнам, Хејгел, исто како и Обама, беше гласен критичар на војната во Ирак. Двајцата беа против плановите на претседателот Џорџ Буш за испраќање американски трупи кон Багдад.

Целите на Обама, заедно со Хејгел, да ја заврши и мисијата во Авганистан, втората војна во која влезе Џорџ Буш, како и да ја намали бројно американската армија, на почеток беа логични. Но, наскоро командата во надворешната политика ја презедоа актуелните развои, со што желбата за намалување на американското присуство на Средниот Исток падна во заднина. Наместо тоа, во регионот растеа тензиите преку подемот на Исламска држава. А на друго место, во источна Европа, со загриженост се гледаше кон Украина, каде вмаршира руската војска.

Во меѓувреме, администрацијата на Обама се обидува да се прилагоди кон променетата ситуација во светот. А тоа уште го прави. Министерот за одбрана Чак Хајгел не беше вистинскиот за оваа задача. Можеби на Обама сега на челната позиција на Пентагон му треба некој кон не му е толку сличен по карактер.