1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хепиенд по 27 денови заложништво: ослободени тројцата заложници во Авганистан

23 ноември 2004

Две жени – една од Косово и една од Ирска, како и дипломат од Филипини, кои на 28-ми октомври сред бел ден во центарот на авганистанскиот главен град Кабул беа извлечени од нивниот автомобил и грабнати, од изутрината се на слобода. Тие се во добро здравје, но сепак ќе им биде извршена медицинска контрола. Се‘ уште не јасно како дојде до ослободувањето на тројцата заложници.

https://p.dw.com/p/Ad0w

За ослободувањето на заложниците – соработници на ОН, извести авганистанскиот министер за внатрешни работи Али Ахмед Џалали. Во медиумските извештаи се зборува за воена операција изведена рано изутрината, при што наводно еден од киднаперите бил убиен, а четворица тешко ранети. Уште вчера американски и авганистански единици извршија претрес на куќи во северниот дел на Кабул и земаа жители на сослушување. Американската армија потврди дека операцијата е во врска со потрагата по заложниците. Додека авганистанската влада во изминатите недели одржуваше контакт со грабнувачите, американскиот заменик-министер за надворешни работи Ричард Армитејџ при посетата на Кабул јасно стави на знаење: “Се молам за безбедноста на грабнатите. Но истовремено, став на САД е дека преговори и спогодби со грабнувачите само натамошно ги поттикнуваат грабнувањата”.

Киднаперите, кои себе си се нарекуваат “Армија на муслиманите”, прво бараа повлекување на ОН и на британските трупи од Авганистан, но подоцна се откажаа од тие барања и сакаа само ослободување на затворените талибанци и борци на Ал Каеда. Денеска претставници на групата изјавија дека постигнале согласност со преговарачите на ОН и на авганистанската влада, по ослободувањето на тројцата заложници да бидат пуштени на слобода и 24 талибанци. Авганистанскиот министер за внатрешни работи Џалали ова го оспори, тврдејќи дека нема никаква спогодба, ниту е платена откупнина.

Таканаречената “Армија на муслиманите” во август годинава наводно се отцепила од талибанците поради несогласување со водачот Мула Омар. Водач на групата е 47-годишниот Акбар Ага, долгогодишен талибански командант од јужноавганистанската провинција Кандахар, упориште на екстремистичкото движење. Останува отворено прашањето дали зад грабнувањето навистина се кријат политички мотиви. Со оглед на противречните искази на групата во изминатите недели, се јавија сомневања дека сепак можеби грабнувачите се заинтересирани само за парична откупнина, што денеска го негираше претставник на “Армијата на муслиманите”.