1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичари без харизма

Катерина Блажевска9 јануари 2015

Иако во Македонија постојат политичари со голема лична харизма, сепак, досега немало чист харизматски тип на лидер, чија легитимација извира исклучиво од неговата лична способност, тврдат аналитичари

https://p.dw.com/p/1EHia
Фотографија: MIA

Тој политичар нема никаква харизма. Оваа реченица, која често може да се слушне во јавни оценки, не дава одговор на прашањето - како една личност може да стане позната и повеќе од тоа - харизматична? Дали харизмата е вродена „политичка легитимација“, резултат на добри резултати во работата или само ефект од постојаната присутност во медиумите? Медиумската експонираност е важна, но секогаш не гарантира успех. Некои личности имаат шарм, впечатливост и способност да бидат запамтени, некои не. Од друга страна, комуникацијата со јавноста и презентацијата на идеи е нешто што се учи и што не смее да биде препуштено на околностите. Практиката, пак, укажува на различни примери: има политичари кои се многу познати, а зад кои не стојат никакви резултати, што значи дека познатоста и квалитетот во работата можат, но не мораат да имаат причинско-последични врски.

Мистична категорија

Тогаш, од што зависи „раѓањето“ на нечија политичка харизма? Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за европски прашања, вели дека харизматскиот лидер е една од најмистичните фигури во историјата и во политичката наука.

„Секој харизматски лидер е приказна за себе. Неговиот авторитет извира исклучиво од неговата способност да обезбеди поддршка од сограѓаните за својот политички проект. Моќта на харизмата не извира од институцијата што харизматскиот лидер ја води, или од процедурата за избор, туку исклучиво од личните квалитети и способност. Затоа чистиот тип на харизматски лидери е мистична категорија. Во денешно време најблиску до овој тип на лидери беа Фидел Кастро, Гадафи, Хуго Чавез, ајатолахот Хомеини, Гамал Абдел Насер, Јосип Броз Тито, Нелсон Мaндела, додека пак Наполеон, Хитлер, Мао, Ататурк и Мусолини се примери од минатото, а Цезар и Мухамед - од далечната историја. Сите тие поседувале лични карактеристики и висок степен на харизма, но секој од нив си ја утврдувал својата харизма со политичките техники што му стоеле на располагање. Некогаш тоа било говорништвото, 'лебот и игрите' и слично, а сега имаме пософистицирани, т.н. пи-ар техники“, објаснува Боцевски.

Според него, иако може да се каже дека харизма поседуваат и Путин, Ердоган, Лула да Силва, Силвио Берлускони, Слободан Милошевиќ, или некои од постарите лидери - Вили Брант, Шарл де Гол, Роналд Реган, Маргарет Тачер, сепак, тие својата моќ ја црпеле од институциите што ги водат или ги воделе, па не може да се сместат во чистиот тип на харизматски лидери.

Mazedonien Präsidentschaftswahlen 2014 Wahlplakate
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Три фактори

Истражувања во САД покажале дека харизмата е резултат на комбинација од способности на лидерот, перцепцијата на неговите следбеници и од конкретна ситуација. Харизмата често ја опишуваат и како „најнедофатлива политичка особина, бидејќи не постои во реалноста, туку во перцепцијата на граѓаните кога политичарите добро работат“. Таа особина полесно е да се идентификува по некој политички чин, отколку да се предвиди пред тој да се случи.

Комуникологот Петар Арсовски, политичката харизма и популарност ги класифицира поопшто - како политички капитал. Градењето на тој капитал најчесто се реализира преку пристап до публиката, содржина на комуникацијата и харизматичност, односно - имаш ли на кого да му се обратиш, имаш ли што да соопштиш и знаеш ли тоа да го направиш на допадлив начин?„Пристапот до публиката е еден од најважните предуслови за добивање политички капитал. Во денешно време на брзи, нови и социјални медиуми, пристапот до публиката не претставува толку голема бариера како порано, особено што постојат и политичари кои својот рејтинг го градат 'на терен', а не преку медиуми. Сепак најголем предизвик во оваа категорија остануваат самите партии, кои се уште имаат извесен монопол на политичкиот дискурс и моќ, како и, засега, ексклузивитет за лансирање политичка кариера. Aко претпоставиме дека допреле до публиката, неопходно e да имаaт и што да кажaт. Тука влегуваат резултати, негативна и позитивна кампања (афери и отчети) и способноста да комуницираaт на начин и ниво кое е разбирливо за гласачите. Овде најголемиот проблем во градењето политички капитал е нужната популизација и симплификација, која е наметната од потребата да се биде запаметен, и нужноста од промоција, која ги тера политичарите да се фокусираат само на позитивните промотивни проекти, на сметка на понекогаш нужните и болни реформи“, вели Арсовски.

Тој потенцира дека најнеопиплива е третата категорија - т.н. харизма, допадливост.

„Таа е нужно врзана со начинот на однесување, ако сакате со мангуплак и финтаџиство, односно е мерило за тоа во која мерка вашата приватна личност претставува сублимат на вашата политичка личност. Најголем дел од луѓето не читаат програми, па гласањето се сведува на чин на доверба во личноста (дали на оваа личност и верувам дека ќе знае да 'пресече' како што треба), а тоа е категорија која не е поврзана со политичка платформа, туку со личните вредности и со мерилото колку извесен политичар проектира дека суштински верува во она што го зборува“, укажува Арсовски.

Текстот продолжува на следната страница

Моќ од функцијата

Имајќи ги предвид овие нијанси во утврдувањето на нечија допадливост, прашањето е дали досега во Македонија имало чист харизматски тип на лидер. Никогаш немало, тврди Боцевски.

„Нашите лидери доаѓале до моќта низ формалните процедури, било да станува збор за времето на социјализмот или за современата демократија. Се разбира, постоеле и постојат лидери кои поседуваат голема лична харизма. На почетоците на македонската демократија, двајца несомнено харизматски лидери меѓусебно ја водеа главната политичка битка - Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Не може да им се спори личната харизма и способноста да ги постројат своите следбеници во силна политичка формација. Сепак, се виде дека нивната моќ, пред се, произлегува од функцијата, народски кажано - од фотелјата. За разлика од Црвенковски кој ја негуваше харизмата на типичен балкански горштак, Георгиевски беше некој вид на месијански лидер. Сепак, штом заминаа од функциите нивната политичка ѕвезда почна да згаснува, но денешните СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се производ на лидерството на своите долгогодишни претседатели и одраз на нивната способност за стратегиско и долгорочно планирање“, оценува Боцевски.

Вели дека за Али Ахмети не може да коментира затоа што многу детали околу неговиот пат кон врвот на македонската УЧК остануваат матни (неговата преобразба од марксист-ленинист-енверист, преку еден од лидерите на косовските задгранични партиски и паравоени формации (НДК и НДОК), преку косовската УЧК, па се до македонската УЧК).

„Потоа, својот „капитал“ на воен лидер го вложи во создавањето на партијата ДУИ, со која што неприкосновено раководи, но останува да се види дали партијата ќе го преживее неговото заминување од политиката, кое не е ни на повидок. И лидерите на ДПА, Арбен Џафери и Мендух Тачи поседуваа лична харизма. Првиот со својот длабок интелект и способност за стратегиска промисла, а вториот, како и Црвенковски, го негува својот лик преку стереотипот на балкански горштак. Кај најновата генерација македонски лидери, пак, преовладува имиџот на технократ и на способен менаџер, наместо стереотипните балкански горштаци. Никола Груевски политичкиот капитал го стекна како успешен министер за финансии, а понатаму се покажа и како ефикасен партиски лидер, а потоа и премиер. Грчкото вето за зачленување на Македонија во НАТО и притисоците кон земјава за да попушти во спорот со Грција, му овозможија да прерасне и во национален лидер. Слични технократски врвици имаа и Радмила Шекеринска, како вицепремиер за европска интеграција, и Зоран Заев како градоначалник на Струмица. Тоа, меѓу другото, зборува и дека Македонија е веќе заморена од харизматски лидери, па граѓаните сакаат да добијат колку што е можно повеќе отчетност, јавни услуги и јавни добра“, смета Боцевски.

Mazedonien Der Vizeministerpräsident Ivica Bocevski
Ивица БоцевскиФотографија: DW

Харизматски демагози

Надвор од „централата“, според аналитичарите, тешко е да се зборува за локални харизматски лидери во Македонија. Без сомнение постои политички талент и надвор од Скопје, но светлото на рефлекторите и вниманието на медиумите е сконцентрирано на политичкиот ринг во главниот град и во клучните политички партии, па локалните политичари остануваат во сенка на оние од престолнината. Но, и не само поради тоа. Според Арсовски, во Македонија постојат системски проблеми во трите посочени категории од кои зависи изградбата на политичкиот капитал.

„Постои монополизација на медиумскиот простор од власта, монополизација на политичкиот простор од партиите, поедноставувањето на политиката до баналности: црно-бели верзии кои водат до ксенофобија и нетолерантност, промоција на популистички авторитарен наратив, концентрација на интерпартиска моќ кај лидерот, како и систематско уништување на личниот политички израз и харизма на сметка на партиска послушност“, предупредува Арсовски.

Но, колку што владее интерес за харизматски лидери, толку постои и стравување од подемот на харизматски демагози од радикалната десница и од радикалната левица ширум Европа.

„Иван Синчиќ, кандидатот кој што зема цели 16% од гласовите на хрватските избори, ме исплаши со својата пламена реторика и набиен гнев. Тој врска нема што би правел со власта доколку некако му дојде во раце, но е бесен и гневен и едвај чека некаде да ја искали оваа концентрирана негативна енергија. Такви се, дури и полоши, радикалните десничари кои, исто така, фрлаат пламен околу себе кој што може да запали многу заедници“, вели Боцевски.

За среќа, некои димензии на личната допадливост, како што се изгледот и невербалната комуникација можат да се тестираат. Различни студии потврдуваат дека лица кои се оценети како привлечни, се фаворизирани во однос на помалку атрактивните. Врз основа на тоа, убав маж може да смета на предност од 6 до 8 отсто гласови во однос на помалку привлечен противкандидат. Кај жените таа разлика достигнува и до 10 отсто. Врз основа на невербални сигнали од снимки за непознати избори , во седум од десет случаи испитаниците погодиле кој победил на избори, покажала студија на Универзитетот во Принстон. Сличен резултат
покажало и истражување на Харвард, каде на испитаниците им биле прикажани видео снимки без тон. Но, предвидувањата станале несигурни кога со снимките бил вклучен и тонот. Вистинскиот белег на харизмата, сепак, ја даваат зборовите, од кои не се очекува ништо помалку, освен – да се претворат во дела!