Хаос на фудбалски меч во Бразил
9 декември 2013Трагедија се случи на синоќешниот (8.12) натпревар од последното коло од шампионатот во Бразил одигран во Жоинвил меѓу Атлетико Параненсе и Васко де Гама. Еден навивач го загуби животот, а еден е во кома откако дојде до физичка пресметка на навивачите на двата тима на трибините. Во инцидентот има и повеќемина повредeни од двете навивачки групи.
Полицијата која доцна реагираше за да ја прекине тепачката на трибините потоа мораше да употреби гумени куршуми и солзавец. Инцидентот се случи при резултат 1:0 за Атлетико Параненсе. Потешко повредените со хеликоптер на полицијата беа префрлени во блиските болници. Поради претходните инциденти на навивачите натпреварот се играше на неутрален терен во градот Жоинвил. Победа од 5:1 постигна Атлетико Параненсе, а Васко де Гама со овој пораз ќе се пресели во понизок ранг. Бразил е домаќин на Мундијалот, а инцидентот се случи само неколку дена по извлекувањето на групите. Светското првенство ќе се одржи од 12. јуни до 13. јули следната година.