Терористот се снимал во живо на местото на убиството
14 јуни 2016Напаѓачот, 25-годишниот Лароси Абала, претходно осудуван за џихадистичка активност, во париското предградие Мањанвил со нож синоќа прво убил 42-годишен полицаец во цивилна облека пред неговата куќа. Според сведоци, притоа извикувал „Алаху акбар“ (Господ е голем). Потоа напаѓачот се забарикадирал во куќата, земајќи ги во заложништво жената и тригодишното дете на полицаецот. Бидејќи преговорите со него останале безуспешни, специјалната единица на полицијата влегле во куќата и го убиле напаѓачот, соопшти Министерството за внатрешни работи. Жената на убиениот полицаец, секретарка во една блиска полициска станица, била најдена мртва, со рана на грлото. Тригодишниот син на полицаецот бил спасен, во шок, но без надворешни повреди.
Додека бил забарикадиран во куќата, напаѓачот се снимал во живо, подоцна на Фејсбук се појави неговото видео под името „Мохамед Али“, кое подоцна исто како и неговиот профил, било избришано. Во видеото, во кое се појавувале и снимки на неговите жртви, Абала се декларирал како следбеник на Исламска држава, најавувајќи натамошни напади. Наводно, тој ја упатил пораката: „Европското фудбалско првенство 2016 ќе се претвори во гробишта“.
Францускиот претседател Франсоа Оланд рано утрово свика кризен состанок со премиерот Мануел Валс и дел од министрите и советниците. Оланд изјави дека „без сомнение, станува збор за дело со терористичка заднина“.
За време на преговорите со полицијата додека бил забарикадиран во куќата на полицаецот, Абала се декларирал како припадник на Исламска држава. Оваа организација исто така соопшти дека делото е извршено од нејзин борец. Абала во 2013 година бил осуден на тригодишна казна затвор поради припадност кон терористичко џихадистичко здружение. Во последно време тој повторно бил под истрага, овојпат за поврзаност со групи од Сирија.
Во Франција е сѐ уште во сила вонредна состојба воведена по терористичките напади во Париз на 13 ноември 2015 година, во кои загинаа 130 лица. Посебно сега, додека трае Европското фудбалско првенство во фудбал чиј домаќин е Франција, се стравува од натамошни напади на исламисти.
Овде можете да го погледнете видеото: