Одлуката за екстрадиција на Харадинај повторно одложена
2 март 2017Судиите во францускиот град Колмар повторно ја одложија одлуката за евентуалната екстрадиција на Рамуш Харадинај на Србија поради сомневања за извршени воени злосторства, согласно барањата на Обвинителството, кое наложи доставување на дополнителни информации.
По ваквата одлука на Апелацискиот суд, Харадинај и натаму нема да може да ја напушти територијата на Франција до конечната одлука на судот, кој сега по вторпат ја одложи својата одлука. Харадинај, кој е лидер на Алијансата за иднината на Косово изјави дека оваа одлука на судот е срамотна и политички мотивирана: „Јас сум политички заложник. Судот им даде на српските власти уште еден месец да достават дополнителни информации. Тоа е политичка одлука, а ова што се случува е непријатно“, им изјави Харадинај на новинарите пред зградата на судот.
Тој повтори дека борбата на ОВК веќе била разгледувана пред Хашкиот трибунал. „Вие кои донесовте ваква срамна одлука треба да се срамите. Ќе продолжам и натаму да се борам “ изјави Харадинај по денешното судско рочиште кое траеше само неколку минути.
Харадинај беше уапсен на 6 јануари на границата меѓу Швајцарија и Франција врз основа на српска потерница, а Србија потоа упати барање до Франција за негова екстрадиција. Тој една недела подоцна беше пуштен од притвор за од слобода да ја чека одлуката за барањето на Србија за израчување, но му беше одземен пасошот и му беше забрането да ја напушти територијата на Франција.
Истрагата против Харадинај во Србија е покрената во 2004. година, а во јануари годинава е проширенa со нови обвинувања и нови докази кои му се проследени на судот во Колмар. На Харадинај му беше судено и во два процеса во Хашкиот трибунал за воени злосторства на Косово, но во 2012 година беше правосилно ослободен од сите обвинувања.