1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција заведена од десничарите

Барбара Везел/превод: З. Јордановски7 декември 2015

Десноекстремниот Национален фронт за прв пат на регионалните избори во Франција е во водство. Политичките рецепти на Марин Ле Пен се опасност не само за Франција, туку и за Европа, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1HIkO
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Feferberg

Подемот на Националниот фронт во Франција се одвива како „по книга“, се’ според девизата „како една десноекстремна партија да ја направам општествено прифатлива“. Успехот на регионалните избори е ремек-дело на шефицата на партијата Марин Ле Пен: без задршки играње на картата на негативното расположение на избирачите, ублажување на реториката - колку да не е казнива, веење море од знамиња и саморекламирање како единствен вистински патриот.

Враќање на десните екстремисти на европска сцена

Секогаш мора да се биде претпазлив со историските споредби, но сеќавањето на германската историја предизвикува грч во желудникот. Дали се Националниот фронт во Франција и националистите на Качински, кои сега дојдоа на власт во Полска, слично опасни колку и германските фашисти во 30-те години на минатиот век? Се’ уште не, но потенцијално можат да бидат. Мострите се премногу слични: изолација на некоја општествена група, ксенофобичност, национализам како средства за поврзување. Во Франција сега муслиманите служат како жртвени јарци, кои го загрозуваат идентитетот на „вистинските Французи“ и поради тоа мора да бидат сузбивани. Толку многу, толку стравично слично. Не треба да се наседнува - Марин Ле Пен не е вистински демократ, нејзината партија не е безопасна, туку напротив - таа е многу опасна. А нејзината единствена цел е да ја освои власта во Франција.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Што ги тера Французите на политичко самоубиство?

Од еден агол и може да се разбере фрустрацијата на француските избирачи. Досега силните партии - социјалистите и републиканците, се оддалечени од народот и со бесконечна низа од скандали станаа неверодостојни. Има вистинска потреба од промена, таа е засилена и од неспособноста на Франсоа Оланд да го придвижи стопанството и да ја стави под контрола невработеноста. Голем дел од избирачките гласови за Марин Ле Пен потекнува токму од губитниците во француското општество, а таа тврди дека зборува во нивно име.

Истовремено, меѓутоа, економската програма на Националниот фронт е бесмислена, нејзините ветувања се неодржливи. Затворање на границите кон соседите и излегување од ЕУ сигурно нема да предизвикаат поттик за конјунктурата. Некоја изолирана Франција која негува застарени идеи за национален идентитет, ни ќе привлече инвеститори, ниту ќе израсне во водечки извозник. Француските селани ќе се чудат кога одненадеж ќе изостанат субвенциите од Брисел, на кои се навикнати со децении. Националниот фронт не ќе може натамошно да ги покачи социјалните погодности, ниту ќе може во закоравените стопански структури да создаде работни места за сите Французи. Притоа на Марин Ле Пен не ќе може да и’ помогне ни нејзиниот пријател Владимир Путин. Но, Франција управувана од десни екстремисти би значела крај на ЕУ: Германија и неколку соседи би морале да се вратат на некое помало јадро на Европа.

Регионалните избори се предупредувачки сигнал

Марин Ле Пен има една цел: Елисејската палата. Но, патот до претседателската функција е уште далечен и може да се претпостави дека до 2017. година доволно избирачи ќе застанат зад некој кандидат на републиканците, за да спречат таа да се всели во Елисејската палата. Но, резултатот од регионалните избори е сигнал на предупредување: Французите станале подложни на заведување од страна на десноекстремните и не се начисто со последиците од нивното решение. Овде имаме работа со влијанието на една утопија: идејата за иднина како она златно минато, во кое француските мажи се горди, жените убави и сите се финансиски добростоечки. Притоа се пее химната и се веат трибојните знамиња. Тоа се застарени идилични претстави, по кои се мамат граѓаните за кои модерното време е преголем товар. А партии како Националниот фронт побудуваат такви емоции и играат со нив. Да, сето тоа еднаш веќе го видовме. И, да, тоа е изразито застрашувачки. Се надеваме дека Французите во наредните 18 месеци ќе се сетат дека всушност се разумна нација.