1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Фотографија која го потресе светот

Магдалена Гвожџ-Палокат
14 ноември 2020

13 септември 1939 година кај Варшава. Девојки на нива вадат компир, над нив надлетуваат авиони на Вермахтот. Анѓа паѓа на земја покосена. Покрај неа клечи нејзината сестра. Тоа е приказната на фотографијата...

https://p.dw.com/p/3kfwn
Schuld ohne Sühne | Historische Bilder von Julien Bryan
Фотографија: Julien Bryan Archive

„Таму беше една дрвена куќарка. Кога авионите се спуштија пониско, Анѓа втрча внатре“, раскажува во 2010 година, Кажимјера Мика, помладата сестра на Анѓа во разговор со Еугениуш Старки, режисерот на филмот „Дописникот Брајен“.

Потоа куќата била погодена од бомба. Таа и другите жени избегале од запалената куќа, на полето, обидувајќи се да извадат уште некој компир. Гладот кај нив бил  поголем од стравот.
„Авионите летаат ниско и полека. Сега целат кон луѓето. Еден куршум ја погодува Анѓа во вратот, а шрапнел во лопатката“. Неколку минути подоцна, 12-годишната Кажимјера клечи покрај унакаженото тело на својата сестра. Ништо не сфаќа. Тоа е нејзината прва средба со смртта. Анѓа до предмалку била жива, сега не кажува ни збор.

Американскиот фотограф

Кога авионите заминале на нивата дошол Џулијен Брајен, Американец. Тој е репортер и фотограф и сака да ги документира првите денови на војната во Полска.
„Таа беспомошно не гледаше. Ја прегрнав. Плачеше таа, плачев и јас, како и двајцата полски офицери кои беа со мене. Што можевме? Што можеше било кој да му каже на тоа дете“, напиша подоцна Брајен.
Џулијен Брајен пристигнал неколку дена претходно со еден од последните возови кој пристигнал во Варшава, околу која веќе се воделе борби. Тој снимал претежно филмови, но поседувал и фотоапарат, дури и филм во боја- голема реткост во тоа време. Така се раѓаат првите фотографии за почетокот на војната- од агол на жртвите.

Julien Bryan Archive | Fotograf Julien Bryan 1939 mit 10-jähriger Kazimiera Mika in Polen
Џулијен Брајен и Кажимјера Мика во 1939 годинаФотографија: United States Holocaust Memorial Museum Collection, Gift of the Julien Bryan Archive

За луѓето кои ги фотографира Брајен, тој е некој вид врска со светот. Многумина со оптимизам гледаат во неговиот објектив.

„Кога слушнаа дека сум американски фотограф мислеа дека сум го минал сиот тој пат за да им помогнам. Но, јас не можев да сторам ништо повеќе од тоа да ги снимам изразите на нивните лица во тие денови“, вели Брајен во филмот „Опсада“ снимен во 1940 година.
Сепак, Брајен сторил нешто повеќе- тој станал портпарол на полскиот народ. На 15 септември 1939 во радио порака тој упатува апел до американскиот претседател Френклин Рузвелт.
„Моето име е Брајен. Џулијен Брајен, американски фотограф. Америка мора да делува. Мора да го сопре најужасниот масакр на нашето време. Од 130 милиони Американци бараме, од името на пристојноста, правдата и христијанските вредности, помогнете му на овој храбар полски народ!“

Зошто пукаа?

По враќањето во САД, на Рузвелт му ги покажува своите снимки. Филмот „Опсада“ доаѓа во кината. Го гледаат милиони луѓе. Следува номинација за Оскар и книга со истиот наслов.
И многу години подоцна, Брајен е херој за девојчето од фотографијата.
„Со многу страст ги снимаше фотографиите. Сакаше на луѓето да им ги покаже вистината и злото, на целото човештво. Сите да видат што ни сторија Германците“, рече Кажимјера во 2010.
Џулијен Брајен се вратил во Варшава во 1958, и се сретнал со тогаш 31-годишната Кажимјера. Шеснаесет години подоцна дошол повторно, овојпат со синот Сем. Брајен умира во октомври 1974, неколку месеци по враќањето од Варшава.
„Вети дека ќе ми ја покаже Америка. За жал, никогаш не го видов Њујорк. Но, не е важно. Јас сум му благодарна за фотографијата на Анѓа“, вели Кажимјера Мика.

KORREKTUR Polen Warschau
Кажимјера Мика во 2019 година со синот на Џулијен Брајан, Сем (десно)Фотографија: United States Holocaust Memorial Museum Collection, Gift of the Julien Bryan Archive

Денот кога загинала нејзината сестра, авионите летале ниско и Германците можеле да видат дека на нивата биле само жени. Зошто пукале?
„Иако сум веќе многу стара, не можам тоа да им го простам“, рече Кажимјера во 2010. Почина на 28 август 2020, во 93 година. Погребана е на гробиштата во Варшава, во близина на местото на кое Џулијен Брајен во 1939 ја сними историската фотографија.

Аушвиц: Заедничкото сеќавање поврзува

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи