Финансиските извештаи ги изненадија и најголемите оптимисти
16 август 2015Полугодишните биланси од работењето на македонските компании ги изненадија експертите. Анализите од резултатите прикажани во финансиските извештаи на поголем дел од фирмите покажуваат позитивни трендови во работењето, посебно во банкарскиот сектор. Генерално има подобрување кај сите, дури и кај фирмите што прикажуваат загуба која ако се анализира е помала во споредба со периодот претходно. Факт е дека резултатите не ја отсликуваат во целост кондицијата на целокупната македонска економија, но исто така е факт дека вакви резултати ретко кој очекуваше, посебно ако се земе во предвид периодот кој тие го опфаќаат. Позитивниот импулс очекувано ја раздвижи и подзаспаната берза каде по објавувањето на резултатите се регистрира релативно висок, невообичаен промет во споредба со просекот од изминатиов период. Последниот ден од работната недела го одбележа тројно повисок прометот генериран главно од тргувањето со акциите на банките. Експертите се оптимисти но сепак и претпазливи во оценките околу тоа дали ваквата состојба дефинитивно значи најава за подобри денови на македонскиот пазар на капитал:
„Од објавените резултати кои сепак не се некој референтен критериум за оценка на кондицијата на сите компании, мислам дека има подобрување во однос на лани дури и над очекувањата доколку се има во предвид дека минатиот период беше доста турбулентен пред се од политички аспект. Би требало да има позитивни движења и зголемување на интересот на инвеститорите, со вакви резултати доколку има и во третиот квартал можеби ќе бидеме сведоци на историски најголеми добивки пред се во банкарскиот сектор. Третиот квартал ќе биде дефинитивно одлучувачки дали ова било еднократен ефект или навистина има тренд на раст кој што трае од почетокот на годината. Добро е што позитивниот тренд зема замав, посебно во банкарскиот сектор што е резултат на повеќе влијанија. Преструктуирања на регионално ниво и слично, но она што генерално е суштински битно е тоа што позитивните биланси потекнуваат од редовно работење. Но како што реков, дефинитивно дека некаде во октомври со објавување на резултатите за третиот квартал ќе се знае посебно дали овој тренд е и реален“, коментира за Дојче веле Горан Марковски, берзански аналитичар и извршен директор на „КБ Публикум инвест“.
Колку реално ваквата состојба може да ја разбуди подзаспаната берза засега е прерано да се прогнозира. Ако фирмите и понатаму покажат раст на приходи и на добивки и во третиот квартал тогаш реално треба да се очекува и соодветен раст на цените на акциите, посебно кај компаниите што редовно исплаќаат дивиденди. Сето ова во комбинација со смирување на политичките тензии на терен, би требало да биде реален предуслов или поттик за враќање на инвеститорите на пазарот на капитал:
„Ако ова го гледаме и во контекст на регионално поврзување на берзата што би требало да се ефектуира од почетокот на наредната година дефинитивно дека тоа ќе има позитивни ефекти на домашниот пазар, посебно ако се земе предвид оној ефект на странски инвестициски фондови и пензиски фондови. Со вакви финансиски резултати, со вакви дивиденди неминовно ќе има соодветна рефлексија на цените на фимрите. Ова можеби е е еден од ретките периоди во кој компаниите покажуваат големо подобрување во однос на лани, а цените на акциите се на реално истириско најниско ниво во последните 10 години. Без разлика како да анализирате, дали од аспект на приходи, книговодствена вредност, добивки. Би требало да се стабилизира политичкиот проблем, да има извесност и изгледност за решавање на целиот проблем, мислам дека тоа ќе има ефект иако генерално изминатиов период беше многу негативен за инвеститорите од аспект на нестабилност, притисоци, имаше големо воздржување на мали инвеститори што не било случај досега“, смета Марковски.
Објавените резултати од работењето на македонските компании кои котираат на македонската берза покажуваат дека најголем дел од фирмите оствариле поголем промет и поголема добивка. Значаен е сигналот што го испраќаат и банките, посебно оние со странски капитал како Стопанска банка Скопје која последниов период беше предмет на повеќе шпекулации поврзани со кризата во Грција. Ваквиот тренд во комбинација со позитивните резултати и на компаниите во останатите сектори најавуваат постабилна економска есен. Еден од клучните предуслови за тоа секако е и политичкиот амбиент кој барем засега е извесно стабилен!