Филе во понеделник во Њујорк на средба со Нимиц
20 септември 2013Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, в понеделник во Њујорк ќе се сретне со посредникот на Обединетите нации за грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц, јавува дописникот на МИА од Брисел.
На помалку од еден месец до лиферувањето на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите, Филе се среќава со Нимиц со намера да се информира за динамиката на преговорите.
„Во контекст на неговите редовни контакти со заинтересираните страни, комесарот Филе е предвидено в понеделник во Њујорк да се сретне со Метју Нимиц, изјави портпаролот на Филе, Петер Стано. Од Комисијата не сакаат да соопштат дали еврокомесарот за проширување и посредникот на ОН ќе разговараат за можен нов предлог за решавање на спорот за името.
Според дописникот на МИА од Брисел, „намерата на Филе е да 'опипа пулс' со цел да знае дали на 16-ти октомври (кога ќе го лиферува извештајот за Македонија), како и лани да предожи нешто слично во однос на тоа Македонија да ги почне преговорите за членство со решавање на наметнатиот спор од Грција во раната фаза од преговорите“.
Венизелос на средба со Бан
В недела со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Њујорк се среќава грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.
Една од темите во разговорот се очекува да биде прашањето за името на Македонија, а ќе се дискутира и за Кипар и ситуацијата на Блискиот Исток.
Грчкиот вицепремиер на 12. септември ја информираше Парламентарната комисија за национална одбрана и надворешна политика за неговата средба со медијаторот Метју Нимиц, при што информира дека следниот состанок во врска со прашањето за името најверојатно ќе се одржи последната седмица од септември во Њујорк.
Тој тогаш повтори дека Атина е за сложено име со географска одредница што се однесува на географскиот поим на името, а не на „политичкиот термин“, и оти е само за 'ерга омнес' решение.
По посетата на Нимиц на Атина и Скопје, грчките медиуми напишаа дека медијаторот сака да ја искористи ситуацијата кога Венизелос и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во исто време ќе бидат во Њујорк кон крајот на септември, за да одржи уште една рунда состаноци.