1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе бара реформи и решавање на спорот со Грција

БГ/миа/макфакс4 септември 2012

Прашањето дали Европската комисија ќе ја користи придавката „македонски“ во следниот извештај за напредокот на Македонија се наметна како главна тема од средбата на Иванов со Филе во Брисел

https://p.dw.com/p/163LG
Фотографија: MIA

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе, по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Брисел, порача дека Владата во Скопје треба да работи на исполнување на задачите и да го реши спорот за името со Грција.

„Владата на Поранешната југословенска република Македонија има потреба од исполнување на клучните реформи, коишто се наоѓаат во патоказот во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво. Потребни се активности во јакнење на меѓуетничките односи во земјата, целосна имплементација на Охридскиот договор, да се зајакне слободата на изразување, преку декриминализација на клеветата во медиумите, ревидирање на изборната рамка во согласност со меѓународните стандарди“, изјави Филе, посочувајќи ја регионалната соработка и добрососедските односи како есенцијален дел од процесот за чекорење напред кон ЕУ и пред сe’ решение за прашањето за името со Грција.

Еврокомесарот одби директно да одговори дали придавката „македонски“ ќе биде употребена во годишниот извештај на Европската унија за напредокот на земјата.

Во текот на прес-конференцијата, тој сепак во неколку наврати ја употреби придавката „македонски“.

Mazedonien Gorge Ivanov bei der PK mit NATO Anders Fogh Rasmussen in Brüssel
Македонскиот претседател Ѓорге ИвановФотографија: MIA

Македонскиот претседател Иванов изјави дека очекува позитивен извештај од Европската комисија и деблокирање на процесот за евроинтеграции. Тој на Филе му порачал дека Грција треба да си го исполни својот дел од обврските.

„Освен тоа што оваа земја не ја исполнува Времената спогодба, сега има и пресуда на Меѓународниот суд на правдата. Она што го бараат сите членки на ЕУ, го бараме и ние, а тоа е Грција да се однесува одговорно кон преземените обврски. Сево ова треба да го решаваме во процесот кој се одвива под капата на Обединетите нации, но само ако бидеме активни во тој процес ќе дојдеме до решение“, рече Иванов.

Покана за НАТО, откако ќе се реши спорот со Грција

Претходно, на средба со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, Иванов побара Македонија и без решение на спорот со името во Грција да стане членка на Алијансата.

„Во минатото многу земји без решени билатерални прашања станале членки на НАТО. Тоа ни буди надеж дека е можно и за нас такво решение. Самата Грција пред да стане членка на НАТО не си ги затворила многу прашања со соседите, па станала членка на НАТО“, изјави Иванов.

Расмусен, пак, од своја страна, го повтори ставот на алијансата дека Македонија ќе стане членка на НАТО во оној момент кога ќе се надмине спорот со името со Грција.

„Прво, имам силна желба да ги видам сите држави од Западен Балкан интегрирани во ЕУ и НАТО и се надевам дека ќе видам прогрес во тој поглед. Го разговарав тоа со претседателот денеска и навистина имам силна желба да ја видам ваша земја како членка на НАТО. Вие направивте многу за да ги исполните потребни критериуми за членство. Второ, сепак постои едно крупно прашање – тоа е прашањето за името. Сите знаеме дека е многу важно Скопје и Атина да најдат взаемно прифатливо решение во рамките на преговорите по покровителство на ОН и ги повикувам сите вклучени политички лидери да направат дополнилтелни напори и да дадат се од себе за наоѓање на прагматично решение во таа рамка. Морам да нагласам дека ние донесовме одлука во Букурешт во 2008 година дека сме подготвени да доделиме покана за почеток на пристапни преговори веднаш кога ќе најдете заедничко прифатливо решение. Таа одлука се’ уште важи, ние стоиме зад неа и сме подготвени да доделиме покана штом се изнајде решение на спорот со името“, рече Расмусен, посочувајќи дека тоа е позиција на сите земји-членки на Алијансата.

Mazedonien Gorge Ivanov und NATO Anders Fogh Rasmussen in Brüssel
Ѓорге Иванов и генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог РасмусенФотографија: MIA