1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со Твитер и Фејсбук против медиумската блокада

Борис Георгиевски15 мај 2015

Илјадници млади секојдневно протестираат и бараат оставка на владата. Во тоа не ги спречува ниту медиумската блокада во Македонија. Тие најдоа сојузник во социјалните мрежи

https://p.dw.com/p/1FPyP
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„...Работам од 12 до 15 часа секој ден, но си заминувам од канцеларијата исполнет затоа што моите идеи за подобрување и напредок се остваруваат“, реча премиерот Никола Груевски на крајот на неговото второ- речиси едночасовно обраќање на конгресот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, на почетокот на месецов.
Иако ја доби поддршката на 528 од присутните 529 делегати на Конгресот, а неговата партија победува на сите избори од 2006 година наваму, Груевски остана скромен:

„...Дали некој ќе ми заблагодари затоа што ги минав најдобрите години од животот меѓу оние четири ѕида во владата?... Јас велам: никој нема да ми каже фала, и не очекувам некој да ми каже фала“, рече Груевски проследен со громогласен аплауз од делегатите.
Но, некој сепак одлучи да му се заблагодари. Повеќе од 6.500 твита со „хаштагот„ #фалаНикола уследија во првите денови по неговиот говор. Со пораки полни иронија и сарказам, македонската Tвитер - заедница укажуваше на очајната состојба во економијата, високото ниво на корупција, селективноста во примената на правото, владината контрола врз медиумите и многу други нешта кои станаа синоним за владата на Груевски.
„Ти благодарам Никола затоа што ги потроши твоите најубави години за да ги уништиш нашите“, гласеше една од Твитер -пораките.
Твитер и Фејсбук останаа единствени алатки на отпорот откако повеќето медиуми, со исклучок на неколку интернет-портали и телевизии со пониска гледаност, се најдоа под целосна контрола на власта.

Контрола врз медиумите
Откако дојде на власт во 2006 година, Груевски и неговата партија ја преземаа контролата врз речиси секој сегмент од македонското општество. Контролата врз медиумите беше извршена преку систем на владини субвенции за сите оние кои информираа позитивно за премиерот и неговата влада. Во првите години од владеењето, Груевски едноставно ги игнорираше критичките гласови и ги насочуваше парите кон оние кои го поддржуваа. Но подоцна, особено по 2008. година, негативниот однос кон критичките медиуми се заоструваше и кулминираше со затворањето на А1 телевизија во 2011, откако нејзиниот сопственик „му откажа љубов“ и одлучи да се приклони кон опозицијата.
„Владејачките партии постигнаа речиси целосна контрола врз традиционалните медиуми, особено врз телевизијата, која е се‘ уште примарен извор на информации“, вели за ДВ Филип Стојановски, програмски директор на фондацијата Метаморфозис.
„Младите и остатоците од средната класа, се‘ повеќе се вртат кон онлајн медиумите како единствено место каде постои слобода на изразување“, додава тој.

Symbolbild Soziale Netze
Фотографија: picture-alliance/dpa/Lei

Силата на новите медиуми беше видлива на 5. мај годинава во Скопје откако илјадници млади излегоа на протести поради новите сознанија околу смртта на Мартин Нешковски во 2011. година, кои ги објави опозицискиот лидер Заев. Организирани во најголем дел преку Твитер и Фејсбук, тоа беа едни од најголемите, притоа веројатно и најнасилните, протести последниве години.
Но, повеќе не се работеше за поигрување со Груевски. Младите бараа оставки од владата и премиерот. „Хаштагот“ #Протестирам стана далеку повеќе од повик за акција, оттогаш се разви во начин на комуникација меѓу опонентите и критичарите на власта на социјалните мрежи.

Куманово како пресвртница
Крвавата пресметка меѓу македонската полиција и вооружената група во Куманово беше најкрвавиот судир во Македонија уште од војната во 2001. година, и кај многумина го засили стравот од нов конфликт.
Социјалните медиуми и интернетот повторно одиграа клучна улога. Според интернет-експертот Виктор Дано „тоа бил денот кога интернетот конечно ги посрами и надмина македонските телевизии“. „...Веќе ништо нема да биде исто“, напиша тој во својот блог-пост на www.it.com.mk.

Во реалноста, улогата на социјалните медиуми беше далеку поголема од едноставно ширење информации за состојбата во Куманово. Тие ја покажаа својата важност како алатка за смирување на тензиите меѓу различните етнички заедници и делуваа како директна спротивност на бројните локални и регионални (особено српски) медиуми кои објавуваа бројни дезинформации- во суштина повикувајќи на војна.
Видеото на кое беше прикажан монологот на неименуван етнички Албанец собра повеќе од 620 илјади прегледи само на Фејсбук, според податоците достапни на социјалните мрежи. Тој говореше за важност да се остане смирен и да се почитуваат соседите од другите етнички заедници. Пораката од крајот на видеото, кога неговиот сосед етнички Македонец му приоѓа и се гушкаат, имаше голем и позитивен одек меѓу граѓаните.

Symbolbild Soziale Netze
Фотографија: picture alliance/ZB/Pedersen

Според истражување спроведено од Македонскиот центар за европско образование во 2014 година, 53 проценти од македонските граѓани се плашат отворено да го искажат своето мислење, додека 64 проценти сметаат дека државата ги прислушува.

„Ова придонесува кон атмосферата на страв и апатија, со што само се засилува спиралата на молк во македонското општество“, вели Филип Стојановски.
Последните случувања поврзани со протестите на граѓанските организации, можеби означуваат почеток на некаква пресвртница во тој поглед.