Фаворитите сигурни на отворањето на сезоната
27 август 2012Првото коло од новата сезона во Бундеслигата заврши во неделата со дуелот меѓу Хановер и Шалке. Во рамноправен дуел двете екипи ги поделија бодовите играјќи нерешено 2:2. Хановер дојде во водство во финишот на првиот дел преку Фелипе. Во второто полувреме Шалке направи пресврт со головите на Хунтелар и Холтби, но бодот за домаќините го спаси Никчи во самиот финиш.
Бранителот на титулата Борусија Дортмунд, традиционално, ја отвори сезоната уште во петокот со дуелот против Вердер. Борусија победи со 2:1 пред своите навивачи, но не воодушеви со играта. Причина за радост имаше новото засилување на шампионите, Марко Ројс кој погоди во деби мечот. Погодокот за Вердер беше дело на Гебре Силаси, додека победничкиот гол за Дортмунд го постигна Марио Геце.
Фаворитот Бајерн имаше релативно лесна задача на гостувањето кај новајлијата во лигата, Гројтер Фирт. Баварците славеа со убедливи 3:0, а стрелци на головите беа Милер, Манџукиќ и Робен.
Успешен старт за Диселдорф
Старт од соништата имаше новајлијата Фортуна Диселдорф со победата од 2:0 на гостувањето кај Аугсбург. Стрелец на двата погодока беше Шахин.
Борусија Менхенгладбах се извади за слабиот старт на сезоната и поразот од Динамо Киев во квалификациите за Лигата на Шампионите со успех во дуелот против Хофенхајм. Победата од 2:1 на Борусија и ја донесоа Аранго и Ханке.
Во Хофенхајм веќе се говори за криза, откако минатата недела тимот загуби катастрофално во првото коло од германскиот куп, и тоа од тим од четвртата лига.
Во слична ситуација се наоѓа и Хамбургер, чии играчи беа исвиркани од домашната публика по поразот од Нирнберг од 0:1. Единствениот гол за гостите го постигна Балич кон средината на вториот дел.
За изненадување на колото може да се смета поразот на Бајер Леверкузен на гостувањето кај повратникот во Бундеслигата, Ајнтрахт од Франкфурт. Ајнтрахт ги прокнижи трите бода со победа од 2:1 и покрај тоа што губеше 0:1 на полувремето.
Интересен дуел беше виден во Штутгарт, каде домашниот тим, поточно напаѓачот Ведад Ибишевиќ промаши пенал на две минути пред крајот на мечот при резултат 0:0. Речиси во следниот напад, гостите од Волфсбург постигнаа погодок преку Дост и ги однесоа трите бода.
Во последниот меч од колото, Фрајбург и Мајнц ремизираа 1:1. За гостите од Мајнц, стандарден во одбраната беше капитенот Николче Новески.