1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Утре се среќава уставотворното Собрание на Авганистан

13 декември 2003
https://p.dw.com/p/AdMd
Утре во Авганистан треба да се почне собранието на племенските старешини, кои треба да постигнат договор за идниот устав на земјата. 500-те делегати на Собранието ќе заседаваат зад затворени врати, зад кои само помал број набљудувачи ќе можат да фрлат поглед. Еден од нив е секако специјалниот пратеник на ОН за Авганистан, Лакдар Брахими, за чии ставови околу шансите за успех на собранието и воопшто за ситуацијата во земјата - повеќе во следниот извештај.

Второто заседание на уставотворното Собрание на Авганистан ги собра делегатите во Кабул, и покрај тешките безбедносни услови што владеат во земјата. Посебно тежок впечаток остави убивањето 15 деца во два одвоени инциденти, од страна на американските сили во земјата:

"Бев многу шокиран кога слушнав за смртта на децата во Газни. Згора на тоа истиот ден во Гардеш беа убиени од бомба уште шест други деца. Задача на секоја страна во оружените судири е да го штити цивилното население колку што е можно. Американците ги критизираат другите, кои не се однесуваат така, дотолку повеќе мораат и самите повеќе да внимаваат отколку до сега" - вели пратеникот на ОН за Авганистан, Лакдар Брахими.

Безбедносната ситуација во земјата ионака не е добра. На југот се групираат повторно сили на Талибанците и носат страв од поголема ескалација. А годинешното Собрание, или Лоја Џирга, како што се нарекува собирот на племенските старешини од сите региони на Авганистан, и без влошената безбедносна ситуација има доволно тешки задачи. Тоа треба да ја заврши работата околу новиот Устав, кој треба да донесе на сцена силна претседателска демократија. Но, Брахими од сега веќе предупредува дека на демократскиот процес му треба подолго време:

"Нереално е кога Западот бара во Авганистан да завладее одеднаш демократија - по 23 години граѓански и други војни и без неопходна демократска традиција. Такво нешто не се случува преку ноќ. Колку и' требаше само на Германија да го најде патот кон демократијата? А сега во еден Авганистан тоа треба да се случи за само две години."

Меѓународниот план предвидува имено во јуни наредната година да се одржат претседателски, а една година подоцна и парламентарни избори. Но, неопходната подлога за тоа е валиден демократски устав. А дали тој навистина и ќе биде донесен на десетдневното заседание на Лоја Џирга, тоа во моментов не може да се предвиди. Зашто, има много отворени прашања: од позицијата на претседателот во идниот политички систем, преку улогата на исламот, па до правата на жените и евентуалната федерална структура. Според Брахими не е исклучено Собранието да мора уште еднаш да се свика:

"Во вакви ситуации секогаш мора да се смета и со можен прекин без резултати. Доколку разликите во ставовите се големи, тогаш е дури и подобро да не се донесе уставен документ и повторно да се проба подоцна" - нагласува специјалниот пратеник на ОН за Авганистан.