Отворено незадоволство и затворена седница на Уставниот суд
16 март 2016Само аплаузи и поддршка се дозволени за пречек на уставните судии, кои претпладнево на седница затворена за јавноста треба да одлучуваат дали претседателот на државата ќе добие право да помилува сторители на изборен криминали и на други тешки кривични дела. Најавениот граѓански протест против ваква можна одлука беше оневозможен да се одржи пред седиштето на Уставниот суд. Демонстрантите предводени од граѓанската платформа „Ајде!“ и поддржани од неколку опозициски партии, со полициски кордон вчеравечер беа спречени да се приближат до зградата на судот, бидејќи просторот уште напладне го узурпираа членови и приврзаници на партијата „Гром“ со контрапротест „за заштитата на институците“. Како што образложија од граѓанската платформа, поради блокадата на протестот на „Ајде!“, но и дојавите дека многу автобуси во организација на ВМРО-ДПМНЕ тргнале кон Скопје со поддржувачи на контрапротестот, тие од безбедносни причини го прекинуваат најавеното целовечерно „бдеење над Уставот“, но нема да се откажат од натамошни активности за негова одбрана.
Според членот 155 од Кривичниот законик, спречување јавен собир е кривично дело. Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, укажува дека задача на полицијата е да им го овозможи на луѓето остварување на нивното уставно право на мирен протест.
„Посебно што протестот е однапред најавен, и најавено е местото на кое ќе се одржи протестот. Тоа место мора да биде обезбедно и слободно за граѓаните кои најавиле протест. Секој кој го попречува директно или индиректно остварувањето на уставното право на мирен протест, треба кривично да одговара“, изјави Најчевска.
ЗНМ: Новинарите да ја следат седницата!
Оспореното право на мирен протест на најавената локација, денеска ќе падне во сенка и на друго оспорено право - јавноста да има увид во работата на Уставниот суд, кој без образложение соопшти дека седницата ќе биде затворена за јавноста. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера го повика Уставниот суд да им дозволи на новинарите да ја следат денешната седница.
„Не е исполнета ниту една причина за затворање на седницата за јавноста предвидена со член 85 од Деловникот. Јавноста може да се исклучи од расправите, седниците и подготвителните седници на Уставен суд, ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државната, службената или деловната тајна, заштита на јавниот морал, но и во други оправдани случаи што ги определува Судот. Во овој случај не е јасно која е причината за исклучување на јавноста од седницата, кое е објаснувањето и кој ја донел ваквата одлука“, реагираше ЗНМ. Но, и овој демократски „детаљ“ најверојатно ќе падне во сенка на главното прашање - каква одлука ќе донесе денеска Уставниот суд?
Според „тонот“ со кој Уставниот суд го напиша Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, поранешни уставни судии и правни експерти прогнозираат дека Судот ќе реши да ги укине оспорените одредби. Тие сугерираат дека најдобро решение во овој момент е Уставниот суд да ја запре постапката, бидејќи таква можност е предвидена со деловникот за работа. Во спротивно, ако му даде право на шефот на државата да помилува сторители на изборен криминал, Уставниот суд директно ќе ги загрози напорите кои водат кон градење правна држава, демократија и обезбедување услови за фер избори, но и ќе се легитимира како лична алатка на оние кои преку него ја купуваат својата амнестија од евентуални санкции.
Зошто молчеа седум години?
Мотивацијата за ова, досега најекспресно поведување иницијатива запамтено во историјата на Уставниот суд, отвора и други прашања и дилеми. Ако Уставниот суд донесе одлука дека измените во оспорениот Закон од 2009 година содржат одредби кои ја повредуваат темелната вредност на уставниот поредок, тогаш ќе се постават неколку прашања за одговорноста на уставните судии, вели Жарко Трајаноски, магистер по човекови права и граѓански активист.
„Како прво, веднаш се наметнува прашањето: Зошто уставните судии игнорирале цели 7 години закон кој ја повредува темелната вредност на уставниот поредок - поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска? Во член 9 од Деловникот на Уставниот суд на РМ стои дека судијата на Уставниот суд 'ги следи и проучува законите, другите прописи и општи акти и може да дава иницијативи за поведување постапка за оценување уставност на одделен закон…'. Зошто ниту еден уставен судија досега не ја искористил можноста да даде иницијатива за оценување уставност на Законот за помилување? Зошто чекале прво да му текне на новопечениот адвокат од Охрид, па експресно да поитаат во заштита на 'помилувањето' како 'неприкосновено уставно и законско право на претседателот на Република Македонија?'“ прашува Трајаноски.
Како што е познато, подносител на Иницијативата до Уставниот суд е Ристо Китевски, млад адвокат од Охрид и соработник во канцеларијата на Љубчо Наумовски, кој пак е еден од адвокатите на поранешната министерка Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, осомничени за изборни нерегуларности во случајот „Титаник“.
Освен седумгодишниот молк на судиите, Трајаноски ги посочува и пропустите во нивното читање на Уставот.
„Ако помилувањето е 'неприкосновено уставно право' на претседателот, тоа и ќе го пишуваше во Уставот, како што пишува дека 'животот на човекот е неприкосновен', и дека 'слободата на човекот е неприкосновена', а воопшто немаше да има ограничување дека тој дава помилување 'во согласност со закон'“, укажува Трајаноски.
На 24 февруари годинава, за поведување постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за помилување од 2009 година, „за“ гласаа пет уставни судии, а четири беа „против“. Останува неизвесно дали и при денешното одлучување ќе остане истиот сооднос, или како што очекува демократската јавност, „некој од петорката ќе го прифати фактот дека токму неказнивоста на криминалот е спротивна на уставните определби“.