Ураганот „Метју“ губи на сила, но алармот останува
8 октомври 2016Ураганот „Метју“ во американската сојузна држава Флорида предизвика поплави, но нема катастрофа од огромни размери. Националниот центар за урагани во меѓувреме го спушти „Метју“ од ураган од четврт степен, на бура од втор степен.
Сепак, алармот останува вклучен. Експертите предупредуваат дека ситуацијата не смее да се потцени. „Метју“ продолжува во насока на сојузните држави Џорџија и Јужна Каролина. Тој е најопасен ураган во регионот во последната деценија.
Претходно ураганот предизвика огромни штети на Хаити. Организацијата „Кер“, повикувајќи се на податоци на Министерството за внатрешни работи, јави дека има 478 загинати, а според други неофицијални информации бројот на загинати се проценува на околу 800.
ЕУ вчеравечер најави помош во висина од 1,5 милиони евра за жртвите од ураганот на Хаити. Освен тоа, експертски тим замина на лице место, за да помогне со снабдувањето со вода и лекарска нега.