1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Управниците од партијата на Ердоган се расфрлале со пари

Хилал Којлу | Даниел Белут
28 август 2019

На комуналните избори во Турција партијата на Ердоган, АКП, загуби во многу општини. Опозицијата таму сега има увид во градските буџети и го критикува растурањето пари на даночните обврзници.

https://p.dw.com/p/3Oc1Z
Türkei Hauptquartier der HDP in Ankara (DW/U. Danişman)
Фотографија: DW/U. Danisman

Владее големо разочарување откако градоначалниците на Дијарбакир, Мардин и Ван минатата недела беа сменети и заменети со принудни управници од Анкара, без оглед што нивната партија, прокурдската ХДП, со јасно мнозинство победи на локалните избори одржани на крајот на март. Министерството за внатрешни работи ги оправдува отпуштањата со тврдење дека градоначалниците имале контакти со терористички организации.

„Припадници на курдската ПКК, со помош на одделни градоначалници, користеле незаконски средства од заедниците за недозволени цели“, се наведува во изјавата на Министерството за внатрешни работи. Но, не се изнесени конкретни докази дека тројцата градоначалници поддржувале терористички организации и со таа цел биле незаконски проневерени јавни средства.

Увид во трошењето буџетски пари од страна на принудните управници

Сменетите градоначалници и раководството на ХДП ги отфрлаат обвинувањата. Проневера воопшто не била можна, тврдат тие, зашто државниот надзор бил премногу прецизен. „Што и да сме правеле, државата секогаш точно беше информирана“, изјави отпуштениот градоначалник на Мардин, Ахмет Турк за Дојче веле. „Државата редовно ги контролираше издадените средства на градоначалниците на Дијарбакир, Ван и Мардин“, вели и портпаролот на ХДП, Сарухан Олуџ.

Од 2016 година, избраните градоначалници и претседатели на локалните заедници во 95 курдски градови се заменети со принудни управници, а околу 40 од сменетите претставници и натаму се во истражен затвор. На комуналните избори пак на прокурдската ХДП ѝ успеа да поврати некои од заедниците. Така сега нејзините луѓе стекнаа увид во управувањето со градските буџети од страна на управниците блиски на партијата на Ердоган, АКП.

Bildkombo Ahmet Turk, Bedia Özgökçe Erta, Selcuk Mizrakli
Отпуштените градоначалници: Ахмет Турк, Бедиа Озгокџе Ертан и Селџук МизраклиФотографија: Getty Images/A.Altan//DHA/DHA

Обвинувањето дека градоначалниците од ХДП проневериле средства, наидува на потсмев. Некои градоначалници од ХДП, по преземањето на должноста, констатирале расипничко однесување со парите на даночните плаќачи - „ни оставија планина долгови“, велат тие. Извештајот кој по локалните избори го порача раководството на ХДП, а кој ги документира приходите и расходите на принудните управници, како и претходно објавениот извештај на државната ревизорска служба, исто така укажуваат на неправилно управување со буџетски средства.

1.600 килограми кадаиф од парите на даночните обврзници

Аднан Селџук Мизракли, заменик градоначалник на курдската метропола Дијарбакир, кој беше сменет минатата недела, истакнува дека за време на принудната управа во градското собрание биле нарачани 1.600 килограми кадаиф. За луксузна пренамена на еден канцелариски простор, пак, биле потрошени преку 330.000 евра.

Повеќе: 

Играта на Ердоган со Курдите

Демократијата во Турција е сѐ уште жива

Курдите во Турција стравуваат од принудна управа

Политичари од ХДП од градот Мардин известуваат за огромни долгови оставени од принудните управници. Според извештајот на ХДП, долгот пораснал на преку 150 милиони евра, а само за кафе, суво овошје и ореви за три месеци биле потрошени 25.000 евра. Во Ван е направен долг во противвредност од 215 милиони евра. „Се обидов да ги утврдам трошоците на управникот и наидов на многу сомнителни приходи и издатоци“, изјави градоначалничката Бедиа Озгокџе Ертан, која беше отпуштена по пет месеци поминати на функцијата.

Расипништвото е тема и во Истанбул

Расипничкото трошење пари од граѓаните беше една од главните теми на изборната кампања, не само во курдските подрачја. Новиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, не пропушти ниедна прилика да го истакне расфрлањето пари од даночните обврзници во истанбулската градска управа. Тој тоа го тврдеше веќе во текот на 18-дневниот мандат, пред Изборната комисија да нареди одржување нови избори и кога за кратко мораше да го напушти градското собрание. 

Имамоглу во повеќе наврати најави дека еднаш засекогаш ќе му стави крај на тој систем. Во Истанбул ќе се врати транспарентноста и ќе прекине непотизмот, истакнуваше социјалдемократот. Тоа беше вистинска тема за неговата предизборна кампања, зашто недомаќинското трошење пари од даночните плаќачи многумина во Истанбул, посебно во време на економска криза, нерадо сакаат да го видат. Истото важи и за Ван, Мардин и Дијарбакир. На крајот на краиштата, курдските подрачја се толку многу погодени од актуелната економска криза, како ретко која друга област во Турција.